ССК за автоосигурувањето: Замислете какво е чувството да платите, а веќе утредента да не важат повисоките цени

од Nikola Popovski
311 прегледи

Сојузот на стопанските комори (ССК) апелира да се најде решение со кое би се обесштетеле граѓаните кои при регистрација ги осигураа возилата за цена повисока за 15 проценти. ССК смета дека во иднина треба да постои јасна определеност која мерка е во сила и да не се носат избрзани одлуки кои би им наштетиле на граѓаните.

Претседателот на ССК, Трајан Ангелоски повтори дека секоја одлука треба претходно да се најави зашто секоја ад-хок воведување или укинување, има штетни последици за сите.

-Не навлегувам дали е избрзана одлуката за покачување или за враќање на цените. Но, сметам дека треба да постои доволно подготвителен период, да се најави која било одлука, да се направи одредена подготовка и потоа да се имплементира. Вака, ад-хок воведување, ад-хок укинување, има штетни последици кон сите. Замислете какво е чувството да платите, а веќе утредента да не важи. Сериозни институции и сериозно општество не треба да си дозволат вакви екскурзии, истакна Ангелоски.

Комисијата за автоодговорност донесе препораки за враќање на цените назад, кои за компаниите беа неприфатливи. Крајниот збор го имаше Владата која ги врати цените на ниво од пред 10-тина дена.

Одлуката за донесување на нова тарифа се заснова на Анализата на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) со која се укажува дека на 23 април годинава, 11 друштва за осигурување доставиле известување до неа дека ги зголемуваат премиите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност, при што се повикале на одредбите од Тарифата за премии објавена во Службен весник, според кои одредби имаат можност самостојно да одлучат за висината на делот од премијата, односно т.н. режиски додаток при одредувањето на крајната премија по договор за осигурување.

Слични содржини