Повеќегодишната иницијатива, недела да биде неработна, 90 отсто е прифатена од социјалните партнери, информираа од Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ) .
-Тоа за македонскиот работник ќе значи дека недела ќе биде ден на неделен одмор. За мал број на дејности, кај кои процесот на работа е од таква природа што не може да се прекине, работниците кои ќе бидат ангажирани во недела ќе добијат зголемена дневница за најмалку 50 проценти, како што тоа е утврдено во Закон или колективен договор, како и право на слободен друг ден во неделата. Останува само да се утврди дали тоа ќе биде денот пред или денот по недела, како што бара ССМ, истакнуваат од сојузот.
Оттаму потенцираат дека на барање на ССМ се воведуваат и строги казни за оние работодавци кои ќе го прекршат законот, чии дејности не спаѓаат во исклучоци, со забрана за работа од 15 до 30 дена и висока парична казна.
–Останува уште технички службите да го финализираат предлог текстот на Законот, а не истиот да се дополнува со желби на поединци на штета на работниците, велат од ССМ.