Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска да не шири паника, туку да помогне во борбата за остварување на правата на работниците и да ги спречи оние кои ги прекршуваат, а во спротивно ќе се потврдат фактите дека работничките права се кршат по нејзин диктат од нејзините шерифи кои за потсетување оставија повеќе од 1000 работници во ЈСП без плата, а сега сака да остави повеќе од 1000 работници во ЈП Водовод и канализација Скопје без работа доколку не се послушници на нејзиниот в.д директор, побараа утрово од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според ССМ, на вчерашната вонредна прес конференција Арсовска искажува лага дека на Скопјани ќе им биде исклучена водата од страна на синдикатот, се врши ширење на паника, а во едно и клевета и навреда.
-Очигледно за Градоначалничката Арсовска, флагрантното прекршување на законите утврдено од државни органи е само констатирана техничка грешка, што претставува крајно непознавање на прописите и навреда за работниците, а покрај инспекциските служби, неправилности едногласно утврди и Управниот одбор на јавното претпријатие и со што 93 вработени за кои Митовски лично сметал дека се непотребни да работат во претпријатието ќе бидат вработени согласно предходниот оглас за продолжување на нивните договори за вработување до крајот на 2022 година согласно програмата за вработување во претпријатието, а укинати се и незаконските задолженија над 30 вработени во претпријатието, а за што предупредуваше синдикатот, велат од ССМ.
Од таму додаваат дека „срамно и жално е во време на ваква економска криза, градоначалничката на Скопје да се обидува да профитира од лажни вести и да се влева дополнителен страв кај граѓаните кои едвај го поминуваат месецот и секојдневно се заглавуваат во долгови, а работниците во јавните претпријатија да живеат во страв и паника за нивната егзистенција и работа“.
Арсовска вчера истакна дека и покрај паниката којашто сакаат да ја креираат неколку иннстументализирани лица, градот Скопје ќе има непречено, квалитетно и континуирано снабдување со вода.
-Апелирам до надлежните институции, до Јавното обвинителство да преземат соодветни дејствија како би се превенирало по оваа закана, изјави Арсовска откако ССМ најави штрајк и прекин на водоснабдувањето.
-Сакам да потенцирам дека овие лица кои наводно се борат за правата на десетина вработени лица, треба да бидат доблесни и во целост да ја кажат вистината дека ова што го прават, а најавуваат дека ќе го прават во сите други претпријатија, не е борба за работнички права, туку ако го трнат нападот врз мене и нападите што ги инструментализираат против мене, бидејќи овие политички елити не можат на друг начин да се пресметуваат туку одат со лични напади, сакам да потенцирам работниците не треба да бидат нивна маша за политички пресметки, ова не е борба за работнички права, додаде Арсовска.