Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) апелира до Владата, да не бара изговори за процесот со намалување на функционерските плати, туку да го примени веќе воспоставениот принцип како кога носи закони на штета на работниците и со злоупотреба на европското знаменце, без широки консултации, без дијалог и без да се грижат за Одлуките на Уставниот суд, како што велат, како што тоа го направија за воведување на 72 часовната работна недела.
Порачуваат дека не е потребно многу време за да се направи измената на Законот.
ССМ веќе достави предлог до пратениците кои молчат 3 месеци, а истото го предлагаат и на Владата, со што во Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, член 11 се менува и гласи:
„Член 11 (1)Основица за пресметување на платата започнувајќи со исплатата на платата за месец септември 2023 година е минималната плата објавена во Службен весник за претходната година објавена од страна на Министерството за труд и социјална политика.
-Укажуваме дека работниците живеат од плата без право на храна и превоз, а добро е што конечно функционерите како Министерот за надворешни работи разбраа дека треба да се живее од плата, но нивните плати се колку 6 минимални плати, а имаат право на службени возила, обезбедување, ручеци, трошоци и други бенифиции, истакнуваат од ССМ.
Уставниот суд во март годинава ја донесе одлуката со која 78 % се зголемија платите на 1.050 избрани и именувани лица. Во меѓувреме, на протести за поголеми плати излегоа и сè уште излегуваат здравствените работници, судските работници, пензионерите, а студентите се пожалија дека гладуваат додека функционерите се луксузираат со зголемување на и онака високите плати.