ССМ излегува на протест пред Врховен: „Работниците со сопствени плати го граделе Работничкиот дом“

од Nikola Popovski
223 прегледи

Сојузот на синдикати на Македонија денеска излегува на протест пред Врховниот суд. Тие на овој начин ќе го изразат незадоволство од одлуката што судот ја донесе за одземање на Работничкиот дом.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов синоќа соопшти дека ја добиле пресудата на конфискација на „Работничкиот дом“ кој 70 години е на работниците и е изграден од синдикалната чланарина на работниците. Одлуката за одземање на Работничкиот дом, тие, како што рече, сакаат да ги охрабрат судиите во Врховниот и во Основниот граѓански суд, да го применат правото.

Според него, разрешницата на нивното барање за повторување на судската постапка ја очекуваат до 1 мај, а ако не се случи тоа, како што рече Трендафилов, не гарантираат како ќе го манифестираат револтот и кои ќе бидат нивните следни активности.

„ССМ моментално води два процеса. Едниот е пред Уставниот суд за заштита на правата за здружување, а другиот е пред Основниот граѓански суд за повторување на постапката за конфискација на имотот. Најмалку што можат судиите да направат е да ја исправат грешката. За 30 години колку што траат сите постапки за конфискација на Работничкиот дом, ова е првата пресуда која е на штета на работниците и во насока да им се одземе тоа што го граделе со сопствени плати. Синдикатите се таму и ќе бидат уште 70 години. Сечиј спротивен обид ќе биде залуден. Решени сме до крај да ја тераме постапката и нема да отстапиме од нашите барања“, кажа првиот синдикалец во државата.

На 9 ноември минатата година Врховниот суд пресуди и Работничкиот дом му го одзема на ССМ за што синдикатот побара оставка од судиите што ја донесоа одлуката и поднесе предлог за нивно разрешување до Судскиот совет. ССМ има испратено барање и до Уставниот суд бидејќи Врховниот суд не ја почитувал одлуката на Уставниот суд донесена во 1992 година во која е наведено дека државата нема право да одзема имот на синдикатите.

Слични содржини