ССМ ја поднесе иницијативата за намалување на функционерските плати за 80% и побара поддршка од сите пратеници

„Договорете се со работниците за вашите плати, исто како што им кажувате на работниците да се договорат со газдите“, порача првиот човек на ССМ, Трендафилов

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв 24

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска поднесе иницијатива за изменување и дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците и на другите избрани и именувани лица, со која бара нивните плати да се пресметуваат врз основа на минималната плата, наместо на просечната плата во државата.

Оттаму информираат дека Член 11 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката се менува и гласи:

„Основица за пресметување на платата на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката е минималната плата во Републиката, според податоците на Државниот завод за статистика.“

Дополнително, преку иницијативата се бара коефициентите за утврдување на надоместокот на плата и на плата утврдени во Закон за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, да се намалат за 40%. Ова значи за 80% намалување на функционерските плати.

„Врз основа на Уставното право, оваа законска иницијатива Сојузот на синдикатите на Македонија ја темели на принципите на еднаквост, недискриминација и правна сигурност за сите граѓани содржани во Уставот како највисок акт во државата, како и во меѓународните трудови стандарди, Европската социјална повелба, Универзалната декларација за човековите права и други меѓународни документи.

За да бидат граѓаните на Македонија еднакви пред националните закони, како и за да бидат еднакви според и пред меѓународните акти и принципи, потребно е појдовната основа за градење на платите на сите работници и граѓани во нашата држава да биде еднаква. Во конкретниот случај треба да се поаѓа од висината на минималната плата како основица за пресметување на сите плати, затоа што анализите на Владата и анализите на Работодавачите, за разлика од анализите на ССМ, покажале дека вредноста на минималната плата е доволна за да ги задоволи елементарните потребите на граѓаните, па оттука и имајќи го предвид горенаведеното ССМ се залага и инсистира на еднаков третман на сите плати во државата и смета дека е потребно да се измени горенаведениот член 11 и основицата за пресметка предвиден во Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката“, стои во соопштението на ССМ.

Потсетуваат дека ССМ заедно со Владата на државата во 2023-та година потпишаа и предвидоа во Општ колективен договор за јавен сектор во кој се поаѓаше од просечната плата како основица за градење на платите на вработените во јавниот сектор, поаѓајќи токму од законското решение за платите на функционерите, избраните и именуваните лица, но Владата како потписник на истиот и спротивно на Закон и без оправдани причини не го почитува Општиот колективен договор за јавниот сектор и не ги уреди платите на вработените на овој начин, а дополнително бара и укинување на ваквото право на работниците.

Се огласи и првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов. Побара поддршка од сите пратеници за гласање на иницијативата.

„120 пратеници веднаш да гласаат за иницијатива, затоа што им кажуваат на работниците дека добро се живее на минималец и го чуваат во фиока предлогот на ССМ за зголемување на минималната плата и за зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари Договорете се со работниците за вашите плати, исто како што им кажувате на работниците да се договорат со газдите“, истакна Трендафилов.