Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) објави дека денеска повторно ќе протестира пред Собранието, каде ќе постави 14 столчиња за пратениците од Собранииската комисија за финансирање и буџет. Протестот ќе почне во 11 часот и во тој временски период сообраќајот на улицата пред Собранието ќе биде во прекин.
„На 01.07.2022 година пред Собрание на Македонија на Булевар 11 Октомври претставници од органите и телата на синдикатите и на Сојузот на синдикатите на Македонија ќе бидат на булеварот и на истиот ќе бидат поставени 14 столчиња за пратениците членови во Комисијата за финансирање и буџет во период од 11 часот и со тоа ќе биде прекинат сообраќајот на коловозните ленти“, велат од ССМ.
Со ова, Синдикатот бара да биде прифатен нивниот амандман испратен до Владата и Собранието за линеарно зголемување на платите од 2806 денари во нето износ за сите вработени согласно зголемувањето на минималната плата, потпишување на Општиот колективниот договор и исплата на К-15.
Во сите јавни установи, во кои синдикатот има свои ограноци и членови, започнат е штрајк со загарантирани минимум 10 проценти од вработените кои ќе работат за да излезат во пресрет на итната работа и барањата на граѓаните, односно да не бидат загрозени безбедноста, здравјето и животот на граѓаните.
ССМ во изминатиот период го блокираше влезот на Скопје кај Автокоманда, а беше и пред Владата и пред министерствата за финансии и за труд и социјална политика.