ССМ не се согласува правото недела да биде неработен ден да се уредува и со Законот за трговија

од Vladimir Zorba
181 прегледи

Сојузот на синдикати на Македонија не се согласува со предлогот на Министерството за труд и социјална политика, правото недела да биде неработен ден, да се уреди и со Законот за трговија, освен со Законот за работни односи.

Синдикатот смета дека ова право треба да се уреди само со Законот за работни односи како основен закон од трудовото право, а не да се уредува со посебни закони, затоа што тоа може да доведе до нееднаквост на правата на работниците и да предизвика правна несигурност. Оттаму информираат дека учествувале на состанокот на Економско-социјалниот совет на кој се разгледувало ова прашање, но го искажале своето незадоволство.

– ССМ го искажа своето незадоволство од тоа што после период од 6 месеци на преговарање и договарање на деталите за начинот и постапката за остварување на ова право на работниците, Министерството за труд и социјална политика и Министерката која е воедно и Претседателка на ЕСС, Јагода Шахпаска го промени концептот и предлага ова право покрај во Законот за работните односи да се уреди и со Законот за трговија, се вели во соопштението.

Зголемувањето на додатокот на плата за работа во недела, според Синдикатот, треба да се зголеми најмалку 100 проценти за секој час поминат на работа во недела. Синдикатот се залага и за тоа сите работници кои ќе работат во недела, да добијат ден за неделен одмор во денот пред односно денот по неделата која би ја работеле.

– ССМ искажува загриженост за проширување на дејностите вклучително и дозволување на работа на трговските центри (моловите) кои ќе бидат во исклучоците кои ќе можат да работат во недела. ССМ смета дека помошните и придружни дејности односно работни места кои се предвидува да работат во недела не се прецизирани и не се дефинирани во законот и оваа формулација не е јасна и општа, не е утврдено за колку и колкав број на работници се однесува, па истата може да биде извор на манипулации и злоупотреби, а со таквата нејасна формулација наместо, со законските измени да се уреди правото недела дека е неработен ден, всушност недела ќе стане работен ден за најголем број работници, се наведува во соопштението.

Во делот на забраните, предлагаат во целост да биде забранета работата на оние работодавачи кои ќе работат во недела, а не се во исклучоците, а не само да се забрани работата во објектот каде е утврдена неправилноста.

Од ССМ повторно нагласуваат дека не се согласуваат законските измени да се одложат за јануари 2022 година како што предложи Министерството за труд и социјална политика.

Слични содржини