ССМ: Нема достоинствена работа без сигурни работни места со договори за работа на неопределено време

Од ССМ укажуваат дека платите во државата значително заостануваат зад реалните животни трошоци

од Nikola Popovski
37 прегледи

Нема достоинствена работа без достоинствени плати кои ќе ги задоволат реалните егзистенцијални потреби на работниците и нивните семејства, порачува Сојузот на синдикати на Македонија по повод 7 Октомври – Светскиот ден на достоинствената работа.

Од ССМ укажуваат дека платите во државата значително заостануваат зад реалните животни трошоци, дека според нив, истите создаваат сиромаштија, поттикнуваат масовна миграција и дека затоа нивното зголемувањето е неопходно и итно.

– Работниците во Македонија се соочуваат со ниски плати, со несигурни работни места и се соочуваат со ограничено учество во процесите на одлучување. Затоа ССМ бара социјален договор и дијалог кој ќе обезбеди фер можности и социјална сигурност, почитување и заштита на работничките права, институции што работат во интерес на работниците и граѓаните и институции кои нема да бидат под влијание на корупција и дневните политики, велат од ССМ.

Според ССМ, рестриктивните мерки, штедењето, стагнација на платите, пензиите и другите приходи на работниците и граѓаните во услови на инфлација и пораст на цените на основните животни продукти ја поттикнуваат сиромаштијата и ја намалуваат куповната моќ.

– Нема достоинствена работа без реални, одржливи и сигурни работни места, со договори за работа на неопределено време. Не се согласуваме со привремените и повремените работни ангажмани со минимална заработувачка, без платени придонеси и без никаква социјална заштита и сигурност со што се залагаме за мерки и активности за сузбивање на сивата економија и непријавената работа, нагласува ССМ.

Оттаму посочуваат дека достоинствена работа за сите може да се постигне доколку заедно социјалните партнери, синдикатите, работодавачите, Владата, невладиниот сектор, експертската и стручна јавност се обединат и ефикасно ги реализираат заеднички креираните активности во насока на развој на економските и општествените односи, но и со целосно почитување на работничките и граѓанските права.