Денес во Основниот граѓански суд во Скопје се одржа првото рочиште по тужбата на Сојузот на синдикати на Македонија против Владата. Од ССМ велат, „за жал ниту еден претставник на Владата, ниту премиерот ниту кој било министер кој примаат плата токму од даноците на работниците не се одважија, не се охрабрија и не се појавија на денешното рочиште. Во продолжение соопштението од ССМ:
„Денес се одржа првото рочиште по тужбата на Сојузот на синдикатите на Македонија поднесена против Владата за заштита од дискриминација од јавен интерес. Сојузот на синдикатите на Македонија на денешната расправа ги претставуваше и застапуваше работниците на највисоко ниво преку Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, секретарот на Советот на ССМ Златко Цветковски, Претседателот на УПОЗ, Трпе Деановски, Претседателот на СГИП Иван Пешевски и др., а за жал, ниту еден претставник на Владата, ниту премиерот ниту кој било министер кој примаат плата токму од даноците на работниците не се одважија, не се охрабрија и не се појавија на денешното рочиште да објаснат што имаат против платите на работниците и против работниците, туку како овластен застапник испратија помлад соработник од Правобранителство (без уредно полномошно) кој за жал е со плата од 22.000 денари и на кој не му е усогласена платата со порастот на минималната плата и кој е подеднакво дискриминиран како и другите негови колешки и колеги од јавниот сектор, а треба да ја брани Владата токму за дискриминацијата која ја први кон него и кон сите вработени во јавен сектор.
Тужбата е поднесена согласно член 35 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, а особено поради тоа што овој закон се применува на вработените од јавниот сектор а во врска со работата и работните односи, за вработените во јавниот сетор коишто се од различно потекло на национална и етничка припадност, пол, род, образование, политичко уредување, друго уверување, попреченост, возраст, општествен статус и која било друга дискриминаторска основа, ако се има предвид дека за околу 138.000 работници во јавниот сектор, различно е постапувано при уредувањето и исплатата на платите и во услови кога се работи за работни места за кои е потребно ист вид и степен на образование, исто работно искуство, ист обем и услови за вршење на работните задачи и со тоа е нарушен принципот содржан и во меѓународните документи дека за работа од еднаква вредност и еднакви работни задачи треба да се добие еднаква плата што не е случај со постапувањето на Владата и нејзините претставници.
Со постапување односно непостапувањето на Република Северна Македонија,Владата на Република Северна Македонија се дискриминирани голем број на вработени во јавниот сектор односно,со постапувањето на тужениот се дискриминирани поголем број лица работници со што Владата го наруши принципот на еднаквост на граѓаните и работниците кој е уреден во член 9 од Уставот со тоа што не ги усогласува платите на вработените, а онаму каде што го прави тоа го прави без никакви објективни услови и критериуми по лични желби на одредени министри.
Од особено значење во поглед на дискриминацијата при усогласувањето и зголемувањето на платите е тоа што за работно место Државен советник во едно министерство од различен пол, различна етничка припадност, различно политичко уверување, различна возраст, општествен статус ќе добие усогласување со минималната плата и зголемување на платата за 30% наспроти негов колега/ колешка на работно место Државен советник во друго министерство од различен пол, различна етничка припадност, различно политичко уверување, различна возраст, општествен статус ќе нема да добие усогласување со минималната плата и зголемување на платата, а истото се однесува и за работните позиции кои се исти во сите министерства како на пример раководител на одделение, советник, виш соработник, самостоен референт и др., како се наведени во Закон.
Поради тоа, тужителот ССМ смета дека поради тоа што се работи за ист вид на работни задачи, а извршителите се исплаќаат со различна плата и не им се усогласуваат на сите подеднакво платите со минималната плата се создава впечаток дека дел од вработени се дискриминирани поради национална и етничка припадност, пол, род, образование, политичко уредување, друго уверување, попреченост, возраст, општествен статус и која било друга дискриминаторска основа.
Министрите и Владата продолжуваат и денес да создаваат социјална анархија и правна несигурност носејќи и укинувајќи закони кога сакаат и како сакаат, сами одлучуваат дали да ги спроведуваат и дали да не ги спроведуваат, наместо да усогласуваат пониски права со повисоки права на работниците тие намалуваат поповолни права на понеповолни права и притоа свесно вршат кривични дела, за што ќе поднесеме кривични пријави.
Продолжуваме да се бориме и во наредниот период за платите на работниците и правно и на секој друг начин, а работниците и синдикатите како никогаш до сега треба да се обединат во заеднички фронт против ваквиот однос на платените владини функционери“, стои во соопштението на ССМ.