Сојузот на синдикатите на Македонија смета дека сите работодавачи треба да ги следат примерите од локално ниво каде што штрајкот е со успех и работниците го добиваат заслуженото и одработеното усогласување на платите за 2806 денари што е едно од главните барања и главна причина за штрајкот.
-Незадоволството на работниците од јавниот сектор е огромно и поради тие причини Сојузот на синдикатите на Македонија продолжува и преку други форми на синдикален притисок, незадоволството да го изразува на улица. На 27.06.2022 година ( понеделник) од 07 часот до 10 часот ќе застанеме на влезот на главниот град Скопје на раскрсницата во населба Автокоманда на бул. Александар Македонски со 16 Македонска бригада, а ќе бидат пропуштани само возила на итна медицинска помош, полиција, армија и пожарна, велат од ССМ, при што додаваат:
-Укажуваме на работниците и на граѓаните однапред да го планираат нивното движење во наведениот период и да ја избегнат раскрсницата на бул. Александар Македонски со 16 Македонска бригада или солидарно да ни се придружат, а можат да ни се придружат и сите работници.
Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека утре, 27.06.2022 (понеделник), во периодот од 07.00 до 10.00 часот, поради одржување на протест од страна на Сојузот на синдикати на Македонија, ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај на сите сообраќајници што гравитираат околу крстосницата на бул. „Александар Македонски“ со ул. „16. Македонска бригада“ во Скопје.
-Од тие причини Одделението за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по горенаведените сообраќајници, а сообраќајот ќе се пренасочува по околните улици, соопштија од МВР.