ССМ потсетува: Работниците да добијат К-15 до крајот на годината

од Nikola Popovski
52 прегледи

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) попладнево порача дека обезбедиле право на К-15 за сите работници. Како репрезентативен синдикат во јавниот сектор, минатата 2023 година го потпиша Општиот колективен договор за јавен сектор со кој по подолг временски период покрај другите права го обезбеди и правото на регрес за годишен одмор за сите вработени во јавниот сектор.

-Во таа смисла потсетуваме дека ова право треба да им се обезбеди на работниците до крајот на годината, за што всушност Владата на својата последна седница донела одлука дека целиот јавен сектор треба да исплати регрес за годишен одмор за вработените, а работодавачите потребно е да ја почитуваат во целост, велат од ССМ преку соопштение.

Истовремено ги потсетуваат и работодавачите во приватниот сектор дека до крајот на годината треба да исплатат регрес за годишен одмор за своите вработени, право уредено со Општиот колективен договор за приватен сектор потпишан од Сојузот на синдикатите на Македонија како репрезентативен синдикат во приватниот сектор.

Имплементацијата на Општите колективни договори за приватен и јавен сектор потпишани од ССМ е задолжителна.

Во Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството е предвиден регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 % од основицата за пресметување на работниците. Со колективен договор  на ниво на дејност или ниво на работодавач може да се утврди регрес за годишен одмор во повисок износ од износот утврден во наведениот колективен договор. Кај работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја економско-финансиската состојба со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден во наведениот колективен одговор. Кај работодавачите кај кои нема формирано синдикат спогодбата се потпишува со избран претставник од работниците.

Регрес за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината, а најдоцна до крајот на тековната година.

Ако работникот смета дека работодавачот не го обезбедува неговото право за регрес на годишен одмор може да поднесе претставка во Државниот инспекторат за труд заради утврдување на евентуални неправилности. Според Законот за работните односи работникот може паричните побарувања од работен однос да ги остварува непосредно пред надлежниот суд.

Според Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството одредбите на колективниот договор кои се однесуваат на регресот за годишен одмор се задолжителни за сите работодавачи во приватниот сектор.

Според Законот за работните односи Државниот инспекторат за труд врши надзор на колективните договори и по утврдување на евентуални неправилности во поглед на исполнувањето на обврската на работодавачите за исплата на регрес на годишен одмор за работниците се преземаат мерки предвидени во законот.

Слични содржини