Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) не се согласува да се донесат законски измени кои би овозможиле недела да биде работен ден во туристичките центри.
-Со законските измени, ССМ и социјалните партнери обезбедија можност специјализираните продавници или киосци во туристичките места под услови утврдени со закон да работат, предвидена е и можноста за работа на моловите, штандови и киосци за време на спортски настани, фестивали, саеми, манифестации и слично, а предвидена е и можноста во продавници за трговија на мало со храна, пијалоци и слично работата да ја вршат лично сопствениците на продавниците. Заради тоа што газдите почувствуваа што значи да се работи во недела не смее да им се ускрати таквото право и повторно да се дозволи работниците да им работат, а тие да одмараат, велат од ССМ.
На овој начин, според Синдикатот, покриени се сите потреби на туристите во туристичките места од аспект на трговските услуги. Од ССМ потсетуваат дека оние работници кои ќе бидат ангажирани за работа во недела имаат право на додаток на плата за работа во недела и за празници најмалку во висина од 100 проценти за секој час поминат на работа, како и право на неделен одмор во друг ден од неделата.
Законот за изменување и дополнување на Законот за трговијата, додаваат од Синдикатот, беше донесен по пат на социјалниот дијалог и како репрезентативен социјален партнер, ССМ очекува доследно да се почитуваат Законот за трговија и ЗРО вклучително и во делот на законските измени за недела – неработен ден и да не се озаконуваат незаконитостите.
Од ССМ велат дека како и во случаите на предходните иницијативи од други политички субјекти и во овој случај ќе покренат иницијатива до Собранието за законско решение со кое ќе побара да им се дозволи право на дополнителна работа од 8 часа неделено кои задолжително ќе се одработуваат во недела за функционерите кои размислуваат да поднесат Предлог – Закон за изменување и дополнување на Законот за трговија во делот недела неработен ден.
-Законот за изменување и дополнување на Законот за трговијата беше донесен по пат на социјалниот дијалог и како репрезентативен социјален партнер, ССМ очекува доследно да се почитуваат Законот за трговија и ЗРО вклучително и во делот на законските измени за недела – неработен ден и да не се озаконуваат незаконитостите, а најавениот предлог Закон од Министерството за економија ако е доставен до Собранието тоа е сторено без социјален дијалог и претставува потценување на претставниците на работниците и работниците во целина што е недозволиво! Од овие причини ССМ и во преговорите бараше оваа материја да се регулира со Законот за работните односи за да се спречи министрите без социјален дијалог и без Економско социјален совет да уназадуваат работнички права и да удоволуваат на газди како во овој случај, се вели во соопштението опд Сојузот на синдикатите на Македонија.