ССМ: Работник со минимална плата добива 17% од вредноста што просечно се создава месечно

„Македонија има продуктивност над просекот на светско ниво и постои економски простор за раст на платите и покрај тоа што одредени експерти, газди и функционери убедуваа во спротивното“, порачаа синдикатите

од Nikola Popovski
20 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Сојузот на синдикати на Македонија излезе со најновите статистики за продуктивноста на работниците, со која, според ССМ, манипулираат работодавачите и Владата кога велат дека од продуктивноста зависи и висината на минималната плата. Според податоците од Меѓународната организиација на трудот (ILO), што ги објави ССМ, индикаторот Бруто домашен производ по одработен час во долари, односно продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 долари по одработен час (1.768,00 денари).

Статистиката вели дека Македонија, а пред се македонските работници се продуктивни над светскиот просек (23.27 долари). Ако се пресмета на месечно ниво (168 работни часа), еден работник е продуктивен, односно создава 297 024 денари месечно.

„Тоа значи дека работник со минимална плата добива 17% од вредноста што просечно се создава месечно. Како што укажуваше Сојузот на синдикатите на Македонија, газдите и функционерите ги држат работниците во сиромаштија, односно создадената вредност не се распределува пропорционално кон трудот, а уделот на платите во создадената вредност е релативно низок.

Само 17% од создадената вредност одат во плата, а остатокот оди за профит, инвестиции, амортизација, даноци, трошоци на капитал и други расходи.

Очигледно е дека намерата да се спречи растот на минималната плата не е до тоа колку биле или не биле продуктивни македонските работници, туку до тоа колку се богатат и владеат на работничкиот грб.

Македонија има продуктивност над просекот на светско ниво и постои економски простор за раст на платите и покрај тоа што одредени експерти, газди и функционери убедуваа во спротивното.

Кај дел од земјите во регионот се гледа дека продуктивноста не е многу повисока од Македонија, а минималната плата е значително повисока.

Исто така покажува дека македонските работници не се на дното, туку се со релативно добра продуктивност блиску до Бугарија, а повисоко од Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, но и покрај повисоката продуктивност во споредба со некои земји, минималната плата и генерално платите во Македонија се многу пониски во споредба со земјите од регионот.

Како заклучок на сето ова произлегува дека работодавачите ги експлоатираат работниците, а власта ја поддржува оваа состојба“, стои во соопштението од ССМ.

Барањата за повисок минималец ја разбрануваа темата. Според експертската фела, ако порасне минималната плата на 600 евра, ќе се подгрее инфлацијата, односно ќе има повисоки цени.

Според економистите, примамливо звучи примањата да се зголемат за 50%, но ако тоа не е поткрепено со зголемена продуктивност, ќе има негативни ефекти во економијата.