Денеска, претседателот Сојузот на синдикатите на Македонија, Дарко Димовски, претседателот на АГРО Синдикатот, Игор Китаноски со Синдикалната подружница на АГРО Синдикатот при АД Водостопанство одржаа состанокот поради не исплатени 2 плати на вработените во АД Водостопанство.
Вработените се пожалиле дека покрај 2 неисплатени плати, од 1 август немаат ниту здравствено осигурување.
Револтот кај работниците е голем и истиот доколку не се исплатат платите, во најскоро време може да премине во штрајк кој ќе значи и проблем со водоснабдувањето на земјоделските површини и посевите, особено во овој период кога е најпотребно.
„Работниците се принудени наместо да ја извршуваат својата работа, да се борат за својата егзистенција и во наредниот период не е исклучена можноста да се донесе Одлука за отпочнување на постапка за спроведување на штрајк во АД Водостопанство, а пред спроведување на процедурите за организирање на штрајкот не е исклучен ниту друг притисок на изразување на работничко незадоволство“, соопштија од ССМ.
Покрај неисплатените плати, работниците се соочуваат и со други организациски проблеми поврзани со нормалното и непречено работење на АД Водостопанство за кои дополнително ќе се бара решение од Владата, која е единствен акционер на Акционерското Друштво Водостопанство.
Сојузот на синдикатите на Македонија и АГРО Синдикатот стојат на располагање на работниците за спроведување сите потапки и организирање на евентуалниот штрајк.