Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро ги осуди прекршувањата на етичките стандарди при известувањето од погребот на жртвите од трагедијата во Кочани. Иако главнината од домашните медиуми се придржуваа до договорениот Безбедносен протокол и насоките за етичко известување, неколку странски медиуми го прекршија основниот кодекс за почитување на приватноста, користејќи непримерни методи за привлекување публика.
ССНМ оцени дека одредени медиуми, со преноси во живо, дополнително ја зголемија болката кај погодените семејства и кај јавноста, наместо да информираат на одговорен и почитуван начин. Организацијата повторно апелираше до медиумите и во следните денови на жалост да останат посветени на професионалното и етичко новинарство, почитувајќи ги чувствата на граѓаните.