Делегација на Сојузот на средношколци, сочинета од членови на Извршниот одбор, членови на Комисијата за надзор и младински амбасадори ширум земјата, во петокто се сретна со премиерот Димитар Ковачевски во Владата на Република Северна Македонија.
Во рамките на делегацијата, ССРСМ вклучил и претставници на онлајн групата на социјалната мрежа Фејсбук „Матура 2022“ кои имале шанса да го искажат ставот на групата и рамноправно да учествуваат во преговорите околу консензуалното решение понудено од Сојузот за прилагодување на матурата, велат утрово од Сојузот во своето соопштение.
„Свесни сме дека испитните програми за екстерните испити се веќе скратени, поради пандемијата со КОВИД-19, имајќи предвид дека договорот постигнат лани е продолжен и за оваа учебна година. Делегацијата сепак нагласи дека потребни се понатамошни модификации поради продолжувањето на зимскиот распуст и три-неделниот штрајк во образованието.
Што се однесува на проектната задача, од Владата ни беше посочено дека рокот за изработка на истата е веќе продолжен. 1.598 ученици кои сѐ уште немаат завршено со овој, клучен дел од матурскиот испит ќе имаат можност тоа да го сторат до понеделник, 16 мај“, истакнуваат оттму.
За интерните испити Сојузот успеал да издејствува професорите и оваа година да креираат банки со прашања кои ќе бидат споделени со учениците најмалку три недели пред денот на испитот. Исто така, коефициентите за (не)соодветност на испитите при пресметувањето на поените од минатата година ќе бидат задржани и за оваа година.
Прашањата за овогодишните екстерни испити се соодветни на испитите од минатите години, кои се објавени на веб страницата на Државниот испитен центар. ДИЦ во најбрз можен рок ќе изготви Каталог на прашања за екстерните испити, односно истите на матурантите ќе бидат достапни во еден ПДФ документ.
„Со Претседателот на Владата се согласивме дека прашањата за екстерните испити ќе го опфаќаат материјалот заклучно со март со што не е опфатен периодот кога беше штрајкот на образовниот кадар. Сојузот презема одговорност да се обрати до оценувачките комисии доколку на испитите се јават прашања од наставниот материјал после март. За сите средношколци кои можеби ќе бидат спречени да полагаат матурски испити поради вирусот КОВИД-19, Сојузот издејствува институциите да спроведат дополнителна испитна сесија“, велат од Сојузот на средношколци, и додаваат дека остануваат посветени на остварувањето на средношколските права во согласност со интересите на сите средношколци.