Сталинград и Мициленд

од Nikola Popovski
283 прегледи

Повеќе не верувам дека причина за дефетизмот, пасивноста и погубната политичка стратегија на СДСМ (ако воопшто постои такво нешто како осмислен концепт) е исклучиво скромното политичко искуство и недоволно политичко знаење на нивното ново раководство. Се чини дека е невозможно преку таа призма да се објасни нелогичниот однос кон диктаторскиот режим бидејќи за оваа една година објективно се случија работи и започнаа процеси кои не само што претставуваат преседан во 35 години на нашата независна држава, туку се и невидено анихилирање на самата структура на демократска држава. Вакво брутално владеење кое може да се спореди единствено со некои африкански држави од минатиот век и вакво дрско економско-финансиско задолжување на државата – веќе дури над 7 милијарди евра! – во секоја нормална држава и кај секоја нормална опозиција ќе предизвикаше тотален демократски отпор во име на народот, државата и нејзината иднина. Освен кај нас, очигледно. Наместо брз и фер договор меѓу сите опозициски партии, напуштање и делегитимирање на Собранието и сите институции на системот, алармирање на меѓународната заедница и повик за помош од Amnesty international, Humans rights watch итн., условување на учеството на локалните избори со истовремено одржување и на парламентарни избори со надградена, проширена пржинска влада, ние кутрите овде гледаме како секојдневно седат заедно со претставници на режимот на некакви заседанија, некакви совети, одат заедно на настани и прослави и седат насмеани на иста маса, бараат лидерски средби (кои режимот ги одбива во својата нарцисоидна политичка самоувереност и доминација), итн. Ако е тоа стратегијата на СДСМ, тогаш е навистина чудна – веројатно е некоја комбинација на гандизам и гаулајтнерство. Овие те тепаат ти викаш ахимса а повремено кога ќе ти дозволат стануваш нивен соработник и чувар на режимот за ситни привилегии. И така режимот се рециклира, станувајќи се полош.

Откако некои структури на СДСМ буквално им ја подарија власта на оние од мицково дпмне (измените на КЗ, зголемување на функционерските плати за 78 проценти, промени на неколку закони со кои им го олеснија почетокот на владеењето и режимот на дпмне) – сето тоа веројатно врз основа на фамозните средби и договор Заев – Мицкоски, за кои пишуваа и зборуваа добро информирани политичари, од Бујар Османи преку Оливер Андонов, а индиректно и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Груевски, се до Максим Димитриевски), имаше надеж дека нивниот нов лидер ќе го прекине важењето на тој договор. Без сомнеж исклучително интелигентен, Венко Филипче сепак, за жал, се чини дека не може да се оттргне од тој договор иако е сосема јасно дека без тоа е невозможно СДСМ да не спаси од диктаторскиот режим. Оттаму, изгледа дека во токму сеуште важечкиот договор Заев – Мицкоски се наоѓаат причините за ваквиот тотално неразбирлив однос и не-делување на опозицијата односно СДСМ.

Но, настрана СДСМ, тие и онака се битни само како најголема опозициска партија која по логика на нештата треба да биде предводник на отпорот кон режимот, тоа што не е денес. Вистинскиот проблем, нашиот, на обичниот народ, е што веројатно после владеењето на мицковистичко дпмне, кога и да заврши тоа (дали по 12 или 16 години, моја лична конзервативна проценка е 20 години) Македонија повеќе нема да постои, или ќе биде целосно девастирана во сите димензии. Со толку криминал, корупција, задолжување, дпмне мицковистичко сосе оние од Влен и Знам ќе остават само руини од Македонија – едноставно, нема да постои Македонија после нив. Впрочем, па тие и досега со своето делување ја разурнаа Македонија –  пописот, името, двојазичноста  – во најголема мерка заради мицковистичко дпмне ние ја изгубивме политичката и економска војна за Македонија како суверена, национална држава, ги изгубивме милениумските парадигми и сон, а сега со нив по се изгледа, ќе ја изгубиме и воопшто самата држава.

Во сета оваа трагична, безнадежна ситуација загрижува и нешто друго – спознанието или барем индикаторите дека диктаторскиот режим буквално никогаш нема да ја пре-даде власта, дури и ако биде победена на демократски избори (што во овој миг додуше изгледа како утопија но можеби за десетина години, којзнае). Вакво системско и систематично колонизирање односно окупација на институциите на системот, кршење на законите, невидено банкрот задолжување од 7 милијарди евра итн., се прават единствено ако сте цврсто уверени во тоа дека имате и ќе имате апсолутна моќ во државата, целосна контроа врз сите битни структури на и во државата (вклучително и политичката опозиција, колаборација а ла договор Заев-Мицкоски).

На 28 Јули Сталин ја издава наредбата 227, која гласи – „Ниту чекор назад“. Најкрвавата битка во втората светска војна – битката за Сталинград – Сталин ја добил токму заради таквата наредба и мотото на Советската војска –  „Нема земја од другата страна на Волга“. Сталинград бил доживеан како  последна пречка, бедем пред фашистичката 6 армија на Фридрих Паулус, и дека ако Сталинград  падне, Советскиот Сојуз ќе биде уништен. Така и „нашиве“, мицињата од мицковистичко дпмне. Цела Македониа (додуше, Северна) е нивниот Сталинград! Мициленд е Сталинград! Тие директива имаат од кобниот 8 Мај лани – нема земја позади мициленд – Сталинград. Мициленд е нивната земја, нивниот рај на земјата, посебно кога нема опозиција која ги загрозува – над 150 000 вработени во државна и јавна администрација со огромни плати, во меѓувреме безброј наместени тендери и којзнае уште што не – па, Македонија е нивниот Сталинград, Македонија е нивниот мициленд. Сите ние живеме во мициленд, но мициленд е само на мицињата! Се е нивно – да го парафразирам Заев, „од чистачка до директор“ се и/или ќе бидат мициња. За нештата да бидат ште полоши за нас што не сме мициња, тие за разлика од Сталин имаат и мото – Leave no man behind. Не ги жртвуваат своите, не оставаат никое мице – трагедијата во Кочани покажа дека не поседуваат ниту минимум политичка и морална одговорност, и дека, за разлика од СДСМ, кои молчат пред политичкиот прогон на нивни поранешни функционери, ниту еден претставник на режимот веројатно нема да биде осуден во време на нивниот режим. Патем кажано, тоа дополнително им влева елан и сигурност на мицињата, дополнително ги мотивира во тоа Македонија да ја направат –  мициленд. Оваа и неколку други карактеристики на функционирањето на овој режим, како на пример наградувањето на лојалните послушници и поддржувачи на режимот, него навистина го прават силен и самоодржлив. Толку силен што полека почнува да наликува на царството и тиранијата на Боргите од „ѕвездени патеки“ со нивното прочуено мото „асимилирај се, или…“. Се чини доаѓа време кога или ќе бидеш мице, или ќе бидеш прогонет, во најдобар случај; но за оваа тема, здравје дотогаш, другпат.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини