Стануваат сабајле и викаат сега ќе блокирам, вели Ковачевски по најавите на Мицкоски за блокирање на Законот за амнестија

од Nikola Popovski
562 прегледи

Нема решение во парламентот кое што опозицијата не го блокирала. Откако сум дел од Владата, стратегијата на опозицијата е блокада и тоа на нив им стана како „spiritus movens“ на нивното работење. Станува сабајле и викаат сега ќе го блокирам. Веројатно тоа го научија во 11-години владеење кое го имавме. Тогаш имавме блокирани евроинтеграции, НАТО интеграции и блокирани односи со соседите, вели премиерот Димитар Ковачевски по најавата од ВМРО-ДПМНЕ дек ќе го блокираат новиот Закон за амнестија.

Премиерот најави дека министерот за правда, Кренар Лога утре на прес-конференција во детали ќе го образложи предложениот закон. За него, овој закон е порестриктивен во однос на тоа што тогаш било донесено како закон во 2018 година.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска повтори дека неговата партија ќе го блокира со амандмани новиот предлог-закон за амнестија. Според него, законот има намена да ослободи криминалци кои одлежуваат казна затвор и како што вели, тие да се вратат на улиците.

Со законот се предлага лицата на кои им е изречена казна затвор до 6 месеци потполно да се ослободат од издржување на казната. Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30 проценти од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.

Амнестијата не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право, за кривичните дела ,, Злоупотреба на службената положба и овластување”од член 353 , ,, Несовесно работење во службата” од член 353-в, сите од Кривичниот закон,за кривични дела против јавниот ред од членовите 394 до 394-г од Кривичниот законик, како и за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство и родово -базирано насилство.

Амнестијата не се однесува за кривични дела ,,Разбојништво” од член 237 став 5 и ,,Разбојничка кражба” од член 238 став 5 од Кривичниот законик, за кривичните дела ,, Измама на штета на средства на Европската Унија” од член 249-а, ,,Перење пари и други приноси од казниво дело” од член 273, ,, Злоупотреба на службената положба и овластување” од член 353, ,, Несовесно работење во службата” од член 353-в, ,,Примање поткуп” од член 357,, ,, Давање поткуп” од член 358, ,,Давање награда за противзаконито влијание” од член 358-а и за ,,Примање награда за противзаконито влијание” од член 359, сите од Кривичен законик.

Амнестијата не се однесува на лицата кои делата кои се предмет на амнестија ги сториле по 1 септември 2023 година.

Слични содржини