Стапи на сила примирјето меѓу Израел и Хезболах: Жестоките судири траеја до последен момент

од Nikola Popovski
20 прегледи

Примирјето меѓу Израел и Хезболах стапи на сила во четири часот утринава по локално време, со што завршија речиси 14-месечните борби кои започнаа откако Хамас го нападна јужен Израел минатата година.

„Реки“ од автомобили се гледаат како се движат во правец на јужен Либан, и покрај предупредувањето од израелската армија се уште да не се враќаат во селата, пишува „Тајмс оф Израел“.

Новинарите на Ројтерс, исто така, виделе десетици возила како се движат кон јужен Либан набргу по стапувањето на сила на прекинот на огнот.

Силни експлозии до договорениот прекин на огнот во 4 часот по локално време слушнал новинар на ДПА во Бејрут, а Ројтерс јавува дека пукотници се слушале низ Бејрут дури и по стапувањето на сила на прекинот на огнот.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) во текот на ноќта пред прекинот на огнот гаѓаа области во близина на меѓународниот аеродром и на југот на земјата. Напади имаше и во јужните предградија на Бејрут во области каде што немаше претходна воена наредба за евакуација.

Да потсетиме дека израелскиот безбедносен кабинет во вторникот одобри договор за прекин на воените дејствија на 60 дена. За тоа време Израел ќе ги повлече своите војници од јужен Либан, изјави американскиот претседател Џо Бајден.

Борците на Хезболах треба да се вратат надвор од реката Литани, на околу 30 километри северно од де факто израелско-либанската граница, во согласност со резолуцијата 1701 на ОН, која го означи крајот на последната војна во Либан во 2006 година, но никогаш не беше целосно спроведена.

Примирјето носи олеснување за либанските цивили, од кои стотици беа убиени во израелските воздушни напади, како и за милиони Израелци кои беа принудени да бараат засолниште поради секојдневните ракетни истрели на Хезболах. Сепак, прашање е колку долго ќе трае затишјето, со оглед на тоа што Израел се заканува со нови акции доколку се прекрши договорот.

Слични содржини