Стапката на невработеност во еврозоната е 7,4 отсто

од Nikola Popovski

Стапката на невработеност во еврозоната се намалила на 7,4 отсто во септември 2021 година од 7,5 отсто во август, додека паднала за 1,2 процентни поени во однос на септември минатата година, покажуваат денешните сезонски прилагодени податоци објавени на официјалната веб-страница на Евростат.

Во Европската унија, стапката на невработеност во септември била 6,7 отсто, наспроти 6,9 отсто во август, додека на годишно ниво е пониска за еден процентен поен.

Според проценките на Европската статистичка служба, во ЕУ во септември имало 14,32 милиони невработени, од кои 12,07 милиони во еврозоната. Во однос на август, бројот на невработени во ЕУ е намален за 306.000 лица, а во евроблокот за 255 илјади.

Од вкупниот број невработени во ЕУ, 2,81 милиони се на возраст под 25 години, од кои 2,30 милиони во еврозоната. Стапката на невработеност кај младите во септември беше 15,9 отсто во ЕУ и 16 отсто во еврозоната.

Гледано по пол, стапката на невработеност кај жените е 7,0 отсто во Унијата и 7,7 отсто во регионот на единствената валута.

-Септемвриската стапка на невработеност кај машката популација во ЕУ беше 6,5 отсто, а во еврозоната 7,1 отсто, јавува Танјуг.

Највисока стапка на вкупна невработеност меѓу земјите-членки на ЕУ е забележана во септември во Шпанија (14,6%) и Грција (13,3%), а најниска во Чешка (2,6%) и Холандија (3,1%).

Слични содржини