Од денеска стапува на сила мерката според која ќе следува казна од 50 евра за фрлање ѓубре навечер. Скопјани не смеат да го изнесуваат сметот по 22 часот сè до 6 часот изутрината, до кога важи забраната.
Градот располага со 20 комунални инспектори и 20 комунални редари, кои ќе бидат постојано на терен. Во Град Скопје очекуваат мерката да придонесе за поголема ефикасност на „Комунална хигиена“, и посочуваат дека во сите поголеми градови, времето за фрлање на сметот е лимитирано.
Инспекторите прво ќе опоменуваат, а потоа и ќе казнуваат.
Непочитувањето на мерката, чија цел е да се воспостави ред во управувањето со сметот и да се спречат злоупотребите на контејнерите, ќе ги чини жителите на Скопје 50 евра, додека за правните лица, односно фирмите се предвидени казни од 1 300 до 1 800 евра, а можат да бидат и повисоки во зависност од типот на отпадот.
Новоназначениот в.д. директор на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје, Драги Митковски информира дека забраната за фрлање смет е воведена главно поради угостителските објекти и дел од фирмите кои, како што рече, создаваат најголем дел од проблематичниот отпад во градот.