Согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата од 15 ноември до 15 март, задолжително е поседување на пропишана зимска опрема во возилата.
Обврската е пропишана во член 361 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, каде во став 1 е наведено дека моторните возила и мобилните машини кога учествуваат во сообраќај на пат, во периодот од 15 ноември до 15 март задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема.
Притоа, според Правилникот:
Задолжителна зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 kg претставува:
– Зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 4mm или доколку возилото поседува летни пневматици со минимална длабочина на шарата од 4mm да поседува синџири за снег кои одговараат на големината на погонските тркала.
Задолжителна зимска опрема на моторни возила со погон на сите тркала (4×4) претставува:
– Зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 6mm или летни пневматици со минимална длабочина од 4mm, доколку возилото поседува синџири за снег најмалку за задната осовина во случај кога возилото има постојан погон на сите тркала, или синџири за снег најмалку за погонските тркала кога возилото има преклопив погон.
Задолжителна зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 kg претставува:
– Зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 6mm или доколку возилото има летни пневматици со минимална длабочина на шарата од 4mm, да поседува синџири за снег соодветни на големината на пневматиците.
– Автобусите и товарните возила кои не можат да постават синџири на тркалата задолжително треба да поседуваат зимски пневматици на погонските тркала како и прирачен алат.
-Мандатен платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бодови согласно со одредбите од овој закон, на возачот кој постапува спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член, стои во Законот.