Самата сала е изградена во 1963 година и имала рок од 20 години. Имаме среќа што од внатре, целата инфаструктура е извадена надвор и горела само старата конструкција на иверици, плочки и ѕидови. Денеска немавме никаква работа на објектот. Беше само еден инженер и имавме двајца чувари-работници кои што не пријавиле никакви интервенции, изјави Лазар Арсовски, сопственик на компанијата што ја реконструира Универзалната сала.
Според него, можна причина за опожарувањето на објектот е стар кабел и стара електрична инсталација.
-Апелираме до новите инвеститори, партии и градоначалници – салата што побрзо да се направи. Како компанија многу се измачивме за да го изведеме ова. Се молиме новата конструкција да не претрпи многу промени, рече Арсовски во изјава за медиумите од пред Универзалната сала.
Информира дека до пред десетина дена имале преку 80 работници внатре.
Околу тоа дали се сомнева во човечки фактор како причина за пожарот, Арсовски вели:
-Не можам да кажам ништо. Инженерите не виделе ништо. Салата ја чуваме три години…Имало ситни проблеми кои сме ги санирале. Не можам да претпоставам.
Утрово густ чад од центарот на главниот град ги вознемири скопјани. Во пожарот се повредени две лица од околните згради кои вдишале чад. Салата беше во фаза на реконструкција а пред само две седмици беше поставена новата купола.
Реконструкцијата ја започна поранешниот градоначалник Петре Шилегов, но сегашната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска не ја продолжи. Во февруари годинава, реконструкцијата на салата од Градот Скопје ја презема Министерството за култура.