Старо-новиот лидер на ВМРО – ДПМНЕ најави втора епоха

од Берта Китинска
205 прегледи

Христијан Мицкоски ќе ја води ВМРО – ДПМНЕ и во наредните 4 години. Паритскиот мандат го доби под мотото „Нова генерација за нова иднина“, најави нова доктрина и кадровски освежувања, а обраќањето го започна со порака за обединување и заедништво.

-Најавувам како партија дека влегуваме во она што го нарекувам втора епоха. Во втората епоха кај нас е потребно да направиме општествена мобилизација на секоја интелектуална сила и поединец во земјата, да допреме до секоја слободомислечка индивидуа и да подадеме рака во насока на преродба на државата, обнова и промени во партијата и во државата кои ќе ја донесат новата иднина.Во центарот на втората епоха се слободата на индивидуата и слободна волја за изразување на капацитетите кои ќе бидат во насока на градење на државата. Мора да се излее таа енергија на креативните потенцијали надвор од рамките на партијата и ви говорам за општествена мобилизација на секоја кретивна индивидуа независно од партиската припадност која ќе биде моторот на напредокот и новата иднина која ни е потребна, кажа Мицкоски.

Тој објасни дека втората епоха е повик до секој поединец, за зграпчување на неговиот порив помагајќи си себеси, вградувајќи се себеси во политичкиот активизам да се вгради во напредокот на државата, така да помогне за сите нас.

-Втората епоха треба да донесе слобода во сите нејзини аспекти, слобода на креацијата, ослободување од стегите кои со децении го стегаат човека и неговиот потенцијал, слобода на мислата која треба да донесе нови ветришта на меѓусебна почит и разбирање, слобода во изборот на поединецот, издигнување над работите кои денес го ограничуваат нашиот потенцијал.Втората епоха значи и подавање рака на секој еден интелектуалец, отпочнување на дијалог со мудрите глави на ова општество чиј глас се заборави меѓу децениите на разграбување на државниот капитал и доминацијата на лукративните поединци и медиокритетите кои уживаат во конформизмот граден на плеќите на луѓето кои ја крепат нашата нација. Дијалог со професорите, со писателите, научниците, младите, студентите, синдикатите, стопанството, коморите. Дијалог со луѓето поттурнати настрана, а чиј глас го сочинува она што го викам тивкото мнозинство, кажа Мицкоски.