Старовиќ: 28 земји го повлекоа признавањето на Косово

Старовиќ потсети дека во 2017 година, Суринам беше првата што го повлече признавањето на Косово и дека до септември 2020 година и потпишувањето на Вашингтонскиот договор, тоа го сториле уште 18 земји.

од Vladimir Zorba
27 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТРТ

Министерот за европски интеграции Немања Старовиќ денес изјави дека 28 земји го повлекле признавањето на независноста на Косово и дека има простор кампањата да продолжи и одредена група земји да ја променат својата одлука.

„Не е моја работа да ги споменувам имињата на земјите што би можеле да бидат во групата земји од кои се очекува да го променат својот став. Имаме 28 повлекување на признавања во осумте години колку што кампањата е во полн ек и верувам дека има простор да се разговара со одредена група земји и тој процес да продолжи“, изјави Старовиќ за телевизијата К1, во врска со изјавата на претседателот Александар Вучиќ дека наскоро може да се очекуваат добри вести во врска со повлекувањето на признавањето на независноста на Косово.

Старовиќ потсети дека во 2017 година, Суринам беше првата што го повлече признавањето на Косово и дека до септември 2020 година и потпишувањето на Вашингтонскиот договор, тоа го сториле уште 18 земји.

Старовиќ рече дека Вашингтонскиот договор предвидува едногодишен мораториум на кампањата за признавање предводена од Белград, и дека Приштина треба да ги суспендира своите аспирации за членство во Советот на Европа и други меѓународни организации.

„Идејата беше мораториумот да се продолжи по една година, но Приштина не беше подготвена за тоа и кога поднесоа барање за членство во Советот на Европа во мај 2022 година, продолживме со кампањата за признавање и уште 10 држави го сменија својот став“, рече Старовиќ.

Тој рече дека ситуацијата во Косово и Метохија е многу тешка за Србите и дека се соочиле со кампања на еднострани мерки од страна на Албин Курти, која не наишла на соодветни реакции во меѓународната заедница.