Здружението на судии на Република Северна Македонија смета дека ставањето на црната листа на САД, на било кој судија е сериозен удар за честа и угледот на конкретниот функционер на судската власт.
-Имајќи го предвид значењето на етичкото однесување и интегритет на судиите кое треба да биде неприкосновено и во согласност, пред се со Уставот и Законите на нашата земја, но и согласно Меѓународните Закони и препораките на Европската унија и Соединетите Американски држави, како наши стратешки партнери, Здружението повикува на брзо разрешување на случајот, пред се заради зачувување на независноста и интегритетот на судската фела во земјата, стои во соопштението на Здружението на судии.
Лавина реакции во јавноста по објавувањето на новите имиња на Груби и Беџети кои се најдоа на црна листа на САД. Од ДУИ велат дека ќе ја почитуваат одлуката на Стејт департментот. За ВМРО-ДПМНЕ ова е доказ дека претходната власт е до гуша во корупција. Денеска одлуката ја образложи и американската амбасадорка Анџела Агелер.
Вели дека ги видела критиките кон САД во однос на тоа „зошто го правите ова, кога нема судски процеси и постапување во земјава“.
-Тоа е затоа што ние овде немаме припадници на полиција или претставници на судската власт. Задолжени се според законот во САД да ги санкционираме лицата за кои имаме индиции за криминал и корупција. Што ќе се случува понатаму е до законодавството и судството во земјава. Но, можам да кажам дека ако ние можевме да најдеме докази, можат и македонските институции. Ако доказите се достапни, имате Финансиска полиција, Обвинителство, судии… Постои процес и мислам дека граѓаните сакаат да видат дека ќе се случи понатаму. (Законот за) Рестриктивните мерки беа одлична идеја, но, ние не можеме да контролираме кои закони ќе поминат, истакна американската амбасадорка на прес-конференција во американската амбасада.
САД го ставија на црна листа поранешниот потпретседател на Владата, Артан Груби и членовите на неговото потесно семејство, како и судијата на Апелациониот суд, Енвер Бегети, за учество во „значителна корупција“.
Во образложението се наведува дека судиите Беџети и Груби, кој беше и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, примиле поткуп за поткопување на судската постапка во врска со кривичната пресуда на поранешниот директор на Управата за Безбедност и контраразузнавање (УБК), Саше Мијалков.
Мијалков, кој исто така беше на црната листа на САД во 2022 година поради вмешаност во „значителна корупција“, беше осуден на три години затвор за незаконско богатење и прикривање имот, додека неговата казна затвор на 12 години за скандалот со прислушувањето на повеќе од 20.000 граѓани, беше укината од Апелациониот суд.