Поранешниот вицепремиер и екс-министер за финансии, Зоран Ставрески нема да биде нов гувернер на Народната банка. Ова денеска го обелодени идниот премиер Христијан Мицкоски.
-Моето мислење за господинот Ставрески е врвно, тој е исклучителен експерт и врвен познавач, но таа тема воопшто не била на дневен ред, ниту била дискутирана, кажа Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на седницата на ЗЕЛС, на која беше поканет да присуствува.
Дел од медиумите во текот на вчерашниот ден објавија дека Ставрески ќе биде предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за гувернер на Народна Банка.
Ставрески беше дел од владиниот естаблишмент од 2006 до 2015 година кога даде оставка. Прво беше вицепремиер за економски прашања, но по заминувањето на Трајко Славески од функцијата министер за финансии, беше избран и на таа позиција.
Во т.н. „бомби“ од прислушуваните разговори во УБК, објавени од тогашниот премиер Зоран Заев, беше објавен и разговор меѓу Ставрески и тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска во кој, чуварот на државата каса тврди дека долгот се зголемува и буџетот не може да се затвори поради многу желби меѓу кои и проектот „Скопје 2014“.
Во 2021 година, беше објавено дека се враќа на партиската сцена како дел од работно тело на ВМРО-ДПМНЕ за следење на реализацијата на проектите што беа ветени во кампањата за локалните избори.