Ставрев: Да излеземе сите од зимата на нашето незадоволство

од Vladimir Zorba
103 прегледи

 

Се наближува Светскиот ден на театарот (недела), 27 март 2016. По тој повод,светскиот центар на ИТИ ја сподели информацијата и пораката на рускиот режисер Анатолиј Василиев – уметник на годината 2016,  додека Програмскиот одбор на Македонскиот центар на ИТИ во состав од Васил Михаил, Трајче Ѓоргиев, Ана Стојаноска, Оливер Балабурски, Дејан Прошев, Кристина Пешева, Инес Ефремова, Кристина Трајановска, Велимир Жерновски, Игор Панев, Билјана Гарванлиева, Иванка Апостолова –   со големо задоволство го избраа режисерот Бранко Ставрев за автор на македонската порака и театарски уметник на годината по повод денот на театарот.

 

Пораката на режисерот Бранко Ставрев во целост:

2 Branko Stavrev
Овде и сега – Hic et Nunc
Од денот кога Јан Кот ја обелодени вистината за Шекспир како наш современик, до
оваа меѓународна ноќ на театарот, ништо повеќе не беше како што било пред тоа.
Се кренаа големи душмани, прав, жестоки претпоставки, дека Вилијам би се
превртел во гробот кога би знаел дека во неговите херои модерниот театар се
препозна себеси и своето време …
Но откопаната могила на творецот на вечниот Глоб, зјае празна, бидејќи генијот
одамна беше воскреснал (точно пред четиристотини години) и не е чудо од
недофатливите сфери на универзумот френетично да му аплаудира на театарот,
токму поради фактот што во неговото вчера и таму, храбриот театар го препозна
своето овде и сега.
Но во ова најново сега и овде, гледаме крвав театар во кој “невестата на пустината„
е срамнета со земјата; терористи сечат човечки глави и се чепатат на екраните на
умниот Интернет; го уриваат само она милениумско културно наследство што не се
продава на црниот светски пазар; милиони страдалнички семејства во старозаветен
мизансцен се влечкаат по шините на возовите-убијци или пловат товарени како
добиток врз импровизирани кораби. Оние што имаат малку повеќе среќа да не се
удават во разбеснетиот Егеј, стасуваат на античко тло за да чемреат во логори крај
граница што го носи името на мајката што го роди Спасителот.
Бегалците си го одземаат говорот шиејќи си ги устите, седат во кал, за да
предизвикаат милост што ќе им го отвори патот кон замаглената цел, пат по кој
европски скании ја крстосуваат Европа товарени со тони европска бодликава жица,
за да ги закрепнат границите на Европа без граници.
Го гледаш ова и овде и не ти се верува дека е сега.
Ќе беше можеби подобро годинава да славиме 452 години од раѓањето, одошто 400
години од смртта на Шекспир. Можеби така немаше да ја предизвикаме судбината,
која сега и овде бесно ги разлистува неговите собрани драми.
Да живее хаосот вреска Тимон од Атина. Верата во боговите, правдата, вистината,
мирот, комшилукот, ноќниот одмор, образованието, доброто однесување – нека
потонат во збрка од остри спротивности … Ножевите в раце и гркланите на
доверителите пресечете им ги. Крадете слуги! Деца, не слушајте никого …
Ќе дојде така што човештвото нужно ќе се јаде себе, ко рибите на дното. О, ровјо ти
што тресеш се`, сплескај ја дебелата тркалезност на светот! Распукај го човечкиот
калап … Ко муви за игра, на децата, сме ние за Боговите! … што ржите ртки што не
сакате ни војна, ни мир? Не сте посигурни од жар јагленов или од град на сонце …
Само знаете арамиите тешки со чест да ги коткате, пцуејќи ја правдата … зар не ви
личи ова на овде и сега? Повторно сме во „Лир“, во „Јулиј Цезар“, во „ Кориолан“,
во уводната сцена на „Ромео и Јулија“, одново Капулетите и Монтеките се колнат
над мртвите тела дека ќе ја укинат омразата и ќе ја трампаат за љубов.
Што мислите, може ли театарот со „добра игра“ да ги надополни недостатоците на
драмата? Недоразбирањата, протестите, митинзите, делбите – му ја одземаат
силата на театарот. Кризата низ која минува ова овде и сега е се подлабока.
Отворена е кутијата на Пандора, на улицата ни се „окотува волчица“. Трагичното
овде и сега ќе бара од театарот одново и одново да ја преиспитува сопствената
функција. Очебијно е дека ќе му биде потребна огромна енергија за да одговори на
судбоносното прашање:
Што да се прави кога реката на животот се излеала од коритото и ги поплавува сите
надежи?
Театарот ќе мора овие потресни библиски фрески и гротески и сите други настани
од споулавениот уличен театар на нашето неспокојно катадневие да ги внесе во
својот храм, каде што им е местото, и да им го подметне старото Хамлетово
огледало на природата, кое на доблеста и овој пат ќе и` ги покаже нејзините црти,
на презирот неговата слика, а на самиот век и тело на времето, нивниот облик и
отпечаток.
Да излеземе сите од зимата на нашето незадоволство, и да влеземе во пролетта на
театарот, каде што нетрпеливо не чека нашиот Дионис.
Но и Аполон, конечно!

Бранко Ставрев (режисер) – автор на македонската порака по повод Светскиот
ден на театарот, 27 март, 2016