Сте се фатиле околу Бесија – не го прекршила законот, им порача Демири на новинарите

од Nikola Popovski
554 прегледи

Зошто да ја разрешам, кажа министерот за здравство, Илир Демири на новинарско прашање зошто не е разрешена организациската директорка на Клиниката за Токсикологија, Бесија Иљази откако претходно кажа дека веднаш би ги отстранил лицата од таквите позиции.

-Сте се фатиле околу Бесија. Таа не ги вработиле тие 18 лица, туку се вработени во 2023 година. Каде бевте вие и останатите директори и претходните министри да кажувате за квалитет и неквалитет? Зошто дозволувате тие луѓе да се на список на дежурства и смени, а месец дена пред изборите, реагирате зошто се вработени? Имам факти дека медицинскиот директор заедно со другиот колега кои се трудеа да направат мобинг, сум ги разрешил. Бесија кога ќе го прекрши законот, ќе биде разрешена. Таа не го прекршила законот. Каде беше ДСЗИ кога тие пет месеци не примале плата и да реагираат? Каде е ДСЗИ да достави извештај за случувањата на хируршките сали, праша Демири, критикувајќи дека Инспекторатот добива новинарски извештаи пред него како министер.

Засега нема казни или санкции, но Министерството за здравство има ингеренции да постапува доколку валидноста на договорите не е исправна. Ова е заклучокот од надзорот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат откако вработените на договор на дело на Клиниката за токсикологија добија решенија за работа потпишани само од организациската директорка Иљази.

И покрај реакциите од вработени дека немаат комуникација со организациската директорка, која ја посочуваат за одговорна за хаосот на Клиниката, министерот не ја разреши Иљази, туку само медицинскиот директор Данил Петровски со образложение дека несовесно работел и омаловажувал вработени по етничка основа.

Слични содржини