Директорката на Инфективната клиника-Скопје, Милена Стефановиќ во денешното издание на емисијата „Стадион“ на Канал 77, истакна дека бројките на заразени објективно се намалуваат.
Сепак, таа предупреди дека не треба да се опуштиме во однос на почитувањето на заштитните мерки, но и во однос на планирањето на развојот на пандемијата.
„Едно е сигурно, дека бројките што ги известуваме се апсолутни од првиот пациент што влезе во државата како позитивен. Има еден многу логичен тек на бројки, падови и порасти. Тоа не можам да го гарантирам за бројките од регионот, но кај нас текот е логичен. Пандемијата не може да се спореди со ништо што сме искусиле до денес, јас белиот мантил го носам 25 години и сум била лекар во повеќе различни епидемии. Треба да се биде сериозно внимателен во однос на прогнозите што се даваат и да не очекуваме дека со некое магично стапче ова ќе исчезне“, потенцира Стефановиќ според која, „уште долго ќе има пациенти кои ќе се лечат од ковид-19“.
Затоа, посочи таа, ќе треба да се направи реорганизација со сите медицински капацитети, што секако е нешто кое се планира.