Нов обид за мировни преговори меѓу Москва и Киев во Истанбул. По синоќешниот конфузен и долг ден, Русија и Украина конечно на преговарачка маса. Украинците предводени од министерот за одбрана Умеров, Русите од помошникот на Владимир Путин, Медински. Во Истанбул е и државниот секретар на САД, Рубио, но тој нема да присуствува на разговорите со руската делегација откако претходно соопшти дека нема големи очекувања додека Трамп и Путин не се сретнат. САД ги претставува директорот за планирање политики Мајкл Антон. „Ќе се сретнам со министерот за надворешни работи и украинската делегација. Некој од нашиот тим ќе биде вклучен во разговорите за Русија. Тие испратија група од пониско ниво. Верувам дека тие разговори ќе бидат меѓу Украина и Русија со нашите турски колеги и со некој од нашиот тим на соодветно ниво“, изјави Рубио.
Какви резулати се очекуваат?
Споед безбедносниот аналитичар, Милан Стефановски, искуството говори дека во принцип почетокот на преговори од ваков формат и проблематика е најтешката и најкомплицираната фаза од преговорите. Тоа е така бидејќи, како што вели Стефановски, во оваа фаза се пеглаат разликите кои не се расчистени во т.н тајна дипломатија, а и се билдаат почетните позиции кои се важни и клучни во динамиката на преговорите. Резултатите ќе зависат колку позади завесите ќе бидат ангажирани САД и ЕУ.
Запрашан дали беше реално да се очекува дека Путин и Зеленски ќе се сретнат директно по три години, без никаква претходна подготовка, соговорникот во разговор за „Локално“ истакнува дека никој не очекуваше да се сретнат двајцата лидери во оваа фаза на преговорите. Едноставно тоа, според него, во овој момент не беше реално.
-Путин и Зеленски ќе се сретнат тогаш кога ќе има сигнали дека се назира некаков договор. А, можната средба како најавувана беше пробен балон на кого и колку му е дојдено до брз мир, смета Стефановски.
Околу тоа дали правилниот пристап е Америка „посредник“, а Европа „надвор од игра“, аналитичарот оценува дека едноставно ЕУ сама дојде до состојба во која е на некој начин игнорирана од САД и Русија. Тврди дека Неконзистентната политика на ЕУ и игнорирањето на имплементирањето на Минск 1 и Минкс 2 договорите кои беа под менторството Меркел и Германија. Тогаш ЕУ ќе беше играч на глобалната сцена.
-Пристапот на САД кон формулата за брз мир ја фаворизира улогата на САД за клучен играч во исцртување на договор меѓу Русија и Украина, појаснува Стефановски.
Соговорникот е дециден дека патот е веќе тежок и комлициран бидејќи е поплочен со многу загуби на човечки животи, уништена инфраструктура и економија. Анализира дека за сето ова да се врати во нормала договорот е само зачеток.
-Потребни се многу предуслови и секако постфестум кризен менаџмент, посочува Стефановски на прашањето дали очекува „долг и комплициран“ пат кон траен мир или брзо решавање на ситуацијата на терен и додава дека сме далеку од праведен мир кој би значел почитување на Повелбата на Обединетите нации, меѓународното право и територијалниот интегритет на Украина.
-САД притискаат Украина да направи територијални остапки. Еден од модулите е Крим да биде руски и меѓународно признат, додека остатокот на територијата под руска контрола да не бидат меѓународно признати, но сепак Москва да ја задржи контролата. Според меѓународното право, секоја држава има право да бира сојузи, но во случајов тоа право ќе биде суспендирано. Русија бара Украина да не влезе во НАТО. Ова е само еден пример дека меѓународното право не важи во овие геополитички разврски, констатира Стефановски.
Зеленски, кој замина од Турција, претходно изјави дека веќе му дал мандат на својот тим да разговара за прекин на огнот, кој е приоритет на агендата на првите директни преговори од 2022-та.
„Тие ќе имаат мандат да разговараат за прекин на огнот, тоа е број еден. Иако сè уште верувам дека Русија продолжува да го третира овој состанок несериозно и не сака да ја заврши војната, сепак се надевам дека барем ќе демонстрираат нешто за време на состанокот“, изјави претседателот на Украина.
Мировните преговори меѓу Киев и Москва се претворија во долго исчекување откако Путин без објаснување не дојде, а Зеленски одби да седне на маса со руската делегација која според него не е компетентна да носи одлуки. Медински, пак, инсистираше дека тимот на Кремљ ги има сите потребни компетенции. Ова се први директни преговори од почетокот на војната кога се одржаа неколку состаноци во Турција, но без мировен договор.
Во моментов, делегациите на Русија и Украина во Истанбул заминаа на пауза по двочасовната средба. Според информациите, двете делегации засега не ја напуштаат зградата каде што се водат преговорите.
Шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, напиша на социјалните мрежи дека денешните преговори немаат никаква врска со претходните во 2022 година.
Н.П.