Стефковски ја разреши директорката на градинката „Детска радост“ поради „гоштевање во угостителски објекти на сметка на градинката по работно време“

од Nikola Popovski
190 прегледи

Детските градинки имаат за цел згрижување на децата во предучилишна возраст и истите треба и мора да работат согласно позитивните законски прописи во Република Македонија. За жал таков не е примерот со Детската градинка Детска радост во нашата општината. Веќе подолг временски период до мене како градоначалник на општина Гази Баба пристигнуваат информации и индиции за незаконско работење на директорката на градинката Детска радост, информира денеска градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

Според него, направено е прекршување на член 40 од Законот за јавни набавки.

-Во овој дел законските одредби упатуваат на соодветна постапка за секоја набавка чија вредност надминува 60.000 денари без ддв. Направено е прекршување на член 40 став 6 од Законот за јавни набавки, односно направени се набавки каде што е надминат годишниот законски максимум за мали набавки кој изнесува до 12.000 евра во една година. Би сакал да потенцирам дека со ова е направено и прекршување на членовите 275-в и 353-в од Кривичниот законик на Република Македонија. Направени се трошоци за репрезентација. Сите овие средства се потрошени за угостителски услуги. Ако се видат фискалните сметки ќе се утврди дека повеќето од нив се направени по завршување на работното време и во сметките е наведено дека е нарачувано и храна за носење.

Извршена е набавка на мебел во детската градинка, но не мебел за децата, туку за кабинетот на менаџментот. Во моментот на набавката на мебелот, согласно донесениот Годишен финансиски план за тековната година не биле предвидени средства за ваква набавка. Со што исто така е направено прекршување на Законот.

Со извршениот увид во налозите за користење на патничкиот автомобил сопственост на градинката за службени дејствија е констатирано, користење на возилото за приватни цели, објави Стефковски.

Ревизијата има утврдено 8 наоди со што дава неповолно мислење по однос на примената на соодветните законски регулативи.

-Сите утврдени наводи во Извештајот на независниот ревизор се доказ дека во детската градинка Детска радост се работело спротивно на повеќе Закони, односно прекршени се повеќе закони. Управниот одбор на Детската градинка Детска радост согласно своите надлежности, а во согласност со членовите 124 и 125 од Законот за заштита на децата по целосно спроведена постапка до мене на 19.04.2023 година достави барање за разрешување на директорката на детската градинка Детска радост. Членот 125 став 5 од Законот за Заштита на децата децидно вели: Градоначалникот е должен во рок од пет дена од денот на добивањето на предлогот од управниот одбор да го разреши директорот.

Јас како градоначалник на општина Гази Баба нема да дозволам детските градинки во Гази Баба да бидат извор на кршење на законите поради што донесов одлука за разрешување на директорката.
Недозволиво е некој кој постапува спротивно на Закон да води установа за згрижување на нашите деца и за сите законски прекршувања утврдени согласно Извештајот на независниот ревизор ќе поведам постапки пред соодветните институции во Република Македонија. Апелирам до Министерството за труд и социјална политика да ги почитува законите и утврдените процедури. Очекувам сите заедно да застанеме на страната на Законот бидејќи се друго ќе значи поддршка на утврдено незаконско работење, обелодени Стефковски.

Слични содржини