Скандалозно и несериозно е тоа што Министерството за труд и социјална политика, преку соопштение до медиумите не извести дека ни ги одзема надлежностите за детската градинка Детска радост во Автокоманда, објави градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
Тој посочува дека до овој момент во општината не е пристигнат документ со кој им се одземаат надлежностите.
-Самото водење на постапката со сила, говори за политичките притисоци кои изминатите две недели ги имаат вработените во Министерството за труд и социјална политика. А факт дека ова што го говорам е вистина е укажувањето кое го испрати Министерството до општина Гази Баба на кое инспекторката која ја водеше целата постапка не е потпишана, туку на истото стои само нејзиното име и презиме, што не е својствено за водењето на постапки од ваков тип, напиша Стефковски на социјалните мрежи и додава:
-Компромис со незаконското работење нема да правам, а на Министерката Јованка Тренчевска и порачувам дека за сите незаконски постапки и донесени решенија ќе има ревизија, а потоа и одговорност пред надлежните органи во Република Македонија! Се надевам дека Министерството за труд и социјала политика ќе се приклучи на постапките кои општина Гази Баба ги иницираше до Основното јавно обвинителство и Државната комисија за спречување на корупција за утврдените прекршувања на Законот со извршената ревизија, порача градоначалникот.
Претходно од МТСП го дематираа и отфрлија написот на Стефковски дека вработени во Министерството се под силен притисок на раководството за донесување на незаконски одлуки за одземање на ингеренциите ЈОУГД „Детска радост“ – Гази Баба.
-Ниту еден вработен во Министерството за труд и социјална политика кој е поврзан со инспекциски надзор, ниту одговорен во делот на детска заштита не користи боледување во овој момент, истакнаа од МТСП.