Министерката за култура, Ирена Стефоска информираше дека ја остварила првата работна средба со градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков посветена на заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот регион.
-Заедно ја реафирмиравме стратешката определба на државата да се зачува статусот на УНЕСКО. Како министерка за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО ја потенцирав важноста на соработката помеѓу локалната и централната власт и добрата комуникација со цел да се постигнат заедничките цели, велат од министерството за култура.
Од таму додаваат дека двајцата соговорници се согласиле дека продолжуваат активностите за исполнување на препораките и одлуките на УНЕСКО.
Притоа Стефоска нагласила дека Министерството за култура целосно стои на располагање на Општина Охрид за сите активности што треба да се преземат, како и оти ќе учествува во посредување на остварување средби помеѓу градоначалникот и сите релевантни институции од државата и странство.
Претходно, Пецаков изјави дека веќе имал работни средби со надлежните во Министерството за транспорт и врски каде што побарал вметнување на плажите во опфатите во урбанистичките планови, за да може да се предвиди на каков начин ќе се уредуваат и издаваат под концесија. Тој побарал од државните институции да ги заокружат сите потребни процедури во насока на изнаоѓање начини како плажите ќе можат да бидат издадени под концесии на јавно наддавање.