Стејт департмент: Македонските влaсти да се ангажираат повеќе во спречување на трговијата со луѓе

од Vladimir Zorba
176 прегледи

На властите во Македонија, САД им препорачуваат спроведување построги истраги, за гонење и осуда на осомничените трговци со луѓе, како и да не се изземаат и официјални лица за кои има сомнежи за соучество.

Владата на Македонија не ги исполнува до крај минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе, но прави значајни напори во таа насока, се вели во годинашниот Извештај за спречување на трговијата со луѓе, што синоќа го објави американскиот Стејт департмент.

Според тој извештај, Македонија се наоѓа на второ ниво заедно со осумдесетина земји од светот, меѓу кои се и Албанија, Хрватска, Грција, Унгарија, Италија. За споредба, во погорното, ниво број 1, се наоѓаат САД, Канада, Франција, САД, Финска, каде напорите за спречување на трговијата со луѓе се значајно повисоки.

Во извештајот за 2021 година, се наведува дека македонските власти презеле напори за судска разрешница на повеќе случаи и развиле пристап што е ориентиран кон посттрауматска заштита на жртвите и децата од трговијата со луѓе. Сепак, се додава дека стандардите во повеќе клучни области не се исполнети.

-Намален е бројот на обвиненија против трговци со луѓе, додека полицијата и натаму се соочува со недостиг од доволно финансии и опрема за да спроведе проактивни истраги, стои во дел од извештајот.

Во текстот се додава дека Јавното обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, немало доволно ресурси, персонал и дигитални можности за менаџирање за да се справи со сите случаи во негова надлежност.

Критика се упатува и за недоволното финансирање за потребните полициски тимови.

Во документот, на македонските власти им се препорачува да спроведат построги истраги, да ги гонат и осудат осомничените трговци со луѓе, како и да не се заобиколуваат и официјалните лица за кои има сомнежи за соучество. Стејт департментот препорачува и построги и подолги затворски казни.

Во дел од препораките стои и потребата од издвојување повеќе пари за обезбедување на потребните ресурси за полицијата и за истражителите, а со цел за да се овозможи поефикасно детектирање и спречување на трговијата со луѓе.

Стејт департментот, меѓу другото, препорачува и повеќе средства за помош на жртвите од трговија со луѓе, обуки на специјализирани тимови од социјални работници, поефикасни законски легислативи, обезбедување центри за заштита, како и правна помош за жртвите.

Во однос на регистрираните случаи, во 2021 биле идентификувани 48 жртви на трговија со луѓе, што многу повеќе во однос на претходната, 2020 година, кога биле регистрирани седум жртви. Од тие 48 лица, четириесет биле изложени на принудна работа, две лица биле принудувани на сексуални услуги, две за сексуални услуги и за принудна работа. Четири од откриените случаи, пак, биле жртви на принудна работа преку брак од изнуда. Од нив, 36 биле жени.

Според анализите од изминатите пет години, жени и девојки кои се жртви на трговијата со луѓе, биле присилени на сексуални услуги и принудна работа во ресторани, барови и ноќни клубови во земјава. Дел од овие жени и девојки биле транспортирани и во земјите на Западна Европа, каде се присилени на физичка работа и сексуални услуги.

Во извештајот се наведуваат и случаи од ромската заедница. Притоа се вели дека трговците, кои се најчесто роднини или блиски познаници на семејствата, ги експлоатираат децата преку нивно присилување да питачат, но и да даваат сексуални услуги преку принудни бракови.

Слични содржини