Стејт департмент: САД се длабоко разочарани од одлуката на Косово за забрана на динарот

од Stefanija Kuzmanovska
279 прегледи

САД се длабоко разочарани и се спротивставуваат на планот на Косово да продолжи со спроведувањето на одлуката за забрана за употреба на странски валути, вклучително и српскиот динар, соопшти вечерва Стејт департментот.

„Повторно повикуваме спроведувањето на таа одлука веднаш да се одложи додека не се спроведат задоволителни процедури согласно европските стандарди, а населението не биде доволно информирано за начинот на кој ќе се спроведе транзицијата“, стои во соопштението на Стејт департментот доставено до агенцијата Бета.

Се наведува дека одлуката е објавена „без соодветна подготовка и консултација“ и дека САД побарале од косовските власти „да објаснат каков проблем ќе се реши со таа регулатива и дали има потреба од итност“.

„Не слушнавме соодветен одговор. Многу граѓани на Косово сега не знаат како ќе ги платат сметките или ќе ги добијат пензиите. Оваа акција, исто така, е во спротивност со определбата на Косово да работи преку дијалог под покровителство на ЕУ за решавање на прашањата кои влијаат на благосостојбата на српската малцинска заедница“, се додава во текстот.