Признавањето на МПЦ-ОА од страна на Вселенската патријаршија и отворањето на бугарските клубови во земјава се нотирани во Годишниот извештај на Стејт департментот за состојбата со почитувањето на верските слободи во Северна Македонија за 2022 година. Американската влада посочува дека новиот статус на МПЦ-ОА се уште не е целосно разрешен.
-Во мај, Вселенскиот патријарх ја призна каноничноста на МПЦ-ОА – дека е во заедница со другите православни цркви, ставајќи крај на долгиот период на непризнавање од страна на глобалната православна црква и поставување на МПЦ-ОА на патот кон автокефалноста. Српската православна црква (СПЦ), од која МПЦ-ОА се отцепи во 1967 година, ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА, иако некои црковни аналитичари изјавија дека само Вселенскиот патријарх има право да дава автокефалност, стои во извештајот.
-Иднината на Православната охридска архиепископија (ПОА), која според документите за признавање на СПЦ треба да се спои со МПЦ-ОА, се уште не беше јасна кон крајот на годината, оценува Стејт департментот.
Се посочува и дека американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер и други американски дипломати дискутирале со владини претставници за меѓуверскиот дијалог и важноста од толеранција и разбирање меѓу разните верски групи. Дискусии имало и со директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, со градоначалници и други службеници. Со пратениците се дискутирало за денационализација на имотот на црквите и џамиите, како и за амандмани за средните училишта вклучително и за акредитација на верските училишта.
Во извештајот се пишува и за отворањето на бугарските културни клубови во земјава.
-Во август, Еврејската заедница соопшти дека отворањето на два бугарски културни клубови именувани по поединци кои работеле со Германците во Втората светска војна, го навредува споменот на Евреите од Северна Македонија кои загинале во логорот на смртта Треблинка. Демонстрантите и полицијата се судрија на отворањето на еден од клубовите. По протестите, на 2 ноември, парламентот ги измени релевантните закони за забрана на регистрација и работа на ентитети кои ги носеа имињата и симболите на нацизмот, националсоцијализмот или на Третиот рајх или се залагаа за нетолеранција, омраза, фашизам. Медиумите објавија еден инцидент на вандализам врз манастир лоциран во мнозинско муслиманско подрачје и 13 инциденти на кражби од цркви, манастири и џамии во текот на годината. МПЦ-ОА и ИВЗ не ги припишуваат кражбите и вандализмот на верски побуди, се наведува меѓу другото во извештајот на Стејт департментот за верските слободи.