Степенот на општествена одговорност кај македонските компании

од Vladimir Zorba

Општествената одговорност кај македонските компании стана се почеста практика и дел од нивното стратегиско определување. Се повеќе и почесто компаниите донираат, се иницијатори или поддржувачи на активности за општо добро и развиваат кампањи за зголемување на свеста за одредена проблематика. Произлезено од потребите на заедницата, општествената одговорност значи дека компаниите не се изолирани од заедницата и општеството само во својата дејност, туку, дали со својата работа или со дополнителен ангажман активно се вклучуваат во општествените процеси и состојби и влијаат за нивно подобрување. Оваа практика стана толку честа што општествената одговорност е дел од годишната стратегија на голем број компании, за неа предвреме се планира и издвојува буџет, со целосен ангажман од страна на компаниите и вработените.

Гледано од страната на заедницата, ваквото дејствување во подобрувањето на општеството стана императивно очекување. Општествениот ангажман се базира на економска одговорност, односно компанијата ги исполнува очекувањата од општеството и придонесува за добра и состојби кои се потребни. Цел на општествената одговорност се најкритичните состојби во јавниот живот. На тој начин се создава рамнотежа меѓу економските, еколошките и социјалните цели на начин кој е од полза за граѓаните, заедницата и општеството во целина.

Одговорноста на компаниите се прелева во сите сфери од општествениот живот. Кај македонските компании најчесто се манифестира со активни мерки за заштита на околината и во подигање на јавната свест, како што е случајот со Макстил, кој е прв пример за воведување пракса на јавното објавување на податоците од мерните станици за емисијата на цврсти честички кои се испуштаат од производствените оџаци на компанијата. Резултатот од оваа општествено одговорна иницијатива може да биде поширока и помасовна примена на оваа практика, што ќе резултира со значително зголемување на јавната свест и знаење за причините и изворите на загадување.

Исто така, најчесто сфера за искажување општествена одговорност е здравството, поточно јавните здравствени центри и установи. Во овој сектор се чини дека е најголемата потреба па затоа е најчеста дестинација за одговорноста на компаниите. Како приоритетна потреба за општо добро на сите граѓани, компаниите набавуваат медицински апарати, опремуваат и реновираат цели оддели, донираат потребни средства за работа. Некои пак, како Макстил својата општествена одговорност ја реализираат како активност и ангажман на вработените, на волонтерски принцип. Како покровител на Одделот за неонатологија на Универзитетската Клиника за детски болести, компанијата заедно со волонтери од вработените го реновираше и го опреми Одделот за неонатологија во вредност од 35 илјади евра.

Факт е дека донациите од компаниите во голема мера помагаат за одржувањето на овој јавен сектор, а помошта која доаѓа од компаниите во најразлични форми и големини секогаш е добредојдена.

Голем број општествено одговорни активности како корпоративен одговор се насочени во образованието, исто така една од критичните јавни области. За овој сектор специфично е тоа што одговорноста на компаниите се реализира и преку соработка со образовните институции за едукација на идните кадри, за реализирање на практична работа, за стипендирање и слично.

Одговорноста на компаниите се одвива преку различни општествени активности, од донации на производи, потребни средства, развој на човечки потенцијал и давање еднакви можности на сите вработени, преку трансфер на знаење и технологии и многу други мерки насочени кон подигање на нивото на одговорност кон општеството. Компанијата не е веќе одговорна само за економскиот раст, за одржливост на дејноста и кон своите вработени, туку и кон заедницата, на која и припаѓа и е нејзин составен дел, како за подобрување на квалитетот на општествениот живот, така и за создавање услови за развој и грижа за генерациите кои доаѓаат.

Слични содржини