Американски авиони Ф-15 слетаа денеска во Полска, како дел од засилувањата на источното крило на НАТО, изјави полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак. Авионите пристигнаа во моментот кога во Полска беа распоредени дополнителни американски и британски сили, а во солидарност земјата ја посети и британскиот премиер Борис Џонсон.
„Денес американските ловци Ф15 пристигнаа во воздухопловната база Ласк, тие ќе го поддржуваат источното крило во рамките на мисијата на воздушната полиција на НАТО“, напиша Блашчак на Твитер, пренесува Ројтерс.
Полскиот министер за одбрана не прецизираше колку авиони Ф-15 слетале во базата, а во Полска веќе се распоредени нови американски и британски копнени трупи.
Се наведува дека на Балтикот биле испратени и американски авиони Ф-15, во време кога НАТО го зголемува своето воено присуство на своето источно крило поради тензиите меѓу Украина и Русија.
Британскиот премиер Џонсон неодамна ја посети Полска за да изрази поддршка за време на растечката криза со Москва, која ја нарече „најголемата безбедносна закана со која се соочи Европа во последните неколку децении“.
Британскиот министер за одбрана Бен Валас денеска изјави дека Лондон може да испрати дополнителни војници за да им помогне на своите сојузници во Источна Европа доколку е потребно, откако во понеделник најави распоредување на 350 војници во Полска.