Стинг: Музика со помош на вештачка интелигенција? Не сум ни најмалку импресиониран

од Stefanija Kuzmanovska
276 прегледи

На музичарите им претстои борба, ќе мора да ја бранат својата креативност наспроти постојано зголемениот обем на музика создадена со помош на вештачка интелигенција, истакна познатиот музичар Стинг.

„Создавањето музика ни припаѓа нам, на луѓето“, рече тој во интервју за Би-Би-Си. „Тоа ќе биде битка која сите ќе треба да ја водиме во следните неколку години. Да го одбраниме нашиот човечки капитал од вештачката интелигенција“, предупреди тој.

Стинг проговори за вештачката интелигенција во музиката откако неколку песни користеле вештачка интелигенција за да ги „клонираат“ гласовите на познатите музички автори.

Во февруари, диџејот Дејвид Гета го додаде „гласот“ на Еминем на една од неговите нумери со помош на технологијата, на сличен начин беше создаден „лажен“ дует на Дрејк и Викнд, кој стана вирален во април.

„Така гледам филмови со CGI ефекти, тоа воопшто не ме импресионира“, додал Стинг. „Веднаш ми здосадува, штом видам компјутерски генерирана слика. Така се чувствувам и за музиката која е направена со помош на вештачка интелигенција“.

„Можеби во електронската денс музика има смисла. Но, за авторски песни, знаете, за изразување емоции тоа не може да ме допре“, вели уметникот.

Издавачката индустрија веднаш тргна против вештачката интелигенција во музиката и беше основана групата „Human Artistry Campaign“, која предупредува дека компаниите за вештачка интелигенција ги кршат авторските права со начинот на кој прават софтвер базиран на објавена музика.

Сепак, не се сите против технологијата. Фронтменот на Pet Shop Boys Нил Тенант неодамна изјави дека вештачката интелигенција може да биде корисна за уметниците во надминување на блокадата на уметниците.

„Напишавме песна во 2003 година, имавме рефрен, но никогаш не ја завршивме бидејќи не можевме да смислиме текст. Сега, со вештачката интелигенција, можете да ги пополните празнините на деловите што сте ги напишале со притискање на копче… можете дури и да ги повторите зборовите… тоа секако може да биде алатка“, изјави тој за Radio Times.

Стинг за Би-Би-Си изјави дека се согласува со тој став, но само до одреден степен.

„Алатките се корисни, но треба да управуваме со нив. Не можеме да дозволиме машините едноставно да ги преземат работите. Мора да бидеме внимателни“, заклучи Стинг.

Слични содржини