Стојков: Бугарија ќе ги искористи „поплаките“ на македонските Бугари за да ја уценува Македонија да направи уште отстапки

од Nikola Popovski
439 прегледи

Посети од претставници на едно малцинство во институција на матична држава и соодветно жалење за проблеми е нормална појава во нормални ситуации, но за жал во овој случај не така. На прво место овие луѓе реално и не се претставници на бугарското малцинство во Македонија, туку се рака ултра националисти поврзани со крајните националисти во Бугарија, вели во разговор за „Локално“ членот на претседателството на ОМО Илинден-Пирин, Стојко Стојков околу посетата во Бугарското собрание на претставниците на бугарските клубови во земјава, каде што биле сослушани од тамошните пратеници и членови на Комисијата за политики за Бугарите во странство.

Стојков оценува дека доколку нивните права беа нарушени, тие прво требаше да се жалат во македонските институции, а понатаму во Стразбур, а не истите да ги прескокнуваат и да бараат помош од странска политичка институција.

Бугарски клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола

-Но тие и не зборуваат, па дури и сосема доследно избегнуваат да зборуваат за нарушени „човечки“ или „малцински“ права, туку само за некакви „права на Бугарите во Македонија“, а таква правна категорија не постои. Тоа не е случајно затоа што ниту нивните човекови, а ниту нивните малцински права се нарушени. Малцинските права на Бугарите во Македонија едноставно не се нарушени и тоа може лесно да го види секој кој се интересира ако ги провери редовните извештаи на меѓународните институции што ги следат правата на човекот и на малцинствата, какви се прават за секоја држава посебно! Но спомнатите лелекачи и сличните на нив не се во состојба да дефинираат што точно им е нарушено, туку создаваат впечаток дека се незадоволни, зашто нивните радикални погледи не се официјални во Македонија и не се прифатени од мнозинството од општеството. Нивните дејствија и поплаки се многу сомнително синхронизирани со најнационалистичките кругови во Бугарија и со антимакедонската политика што се спроведува последните години од Софија, порачува соговорникот.

Членот на ОМО Илинден-Пирин смета дека бугарската држава овие нарачани поплаки „на Бугарите од Македонија“ ќе ги искористи за да создава проблеми пред евроинтеграцијата на Македонија и за да ја уценува нашата земја да прави повеќе отстапки кои би ја задоволиле националистичката и антимакедонска агенда на Софија.

-Тие ќе служат исто така како правдање за апсурдната политика на Бугарија пред нејзините европски партнери, ни рече Стојков.

Додава дека нема ништо општо меѓу Македонците во Бугарија и членови на здруженија и претставниците на бугарските клубови во земјава.

-Нашите случаи се сосема спротивни. Кај нас е во прашање неспорна дискриминација и кршење на основни човекови и малцински права, потврдено од низа на пресуди на Европскиот суд за човекови права и од серија извештаи на меѓународни правни институции. Кај нив нема ништо такво: нивните поплаки се што без разлика што ѝ припаѓаат на заедница која составува 0.15 % од општеството, не се спомнати во Уставот и тоа како државотворен народ. Нашата цел е добивање на гарантирани малцински и човекови права, а нивната по сѐ изгледа да го провоцираат македонското општество за да фабрикуваат материјал за наводна „дискриминација“ кој понатаму да биде употребен од Бугарија за да ја уценува Македонија и да ја правда својата политика пред Европа, рече Стојков.

Соговорникот ни потенцира дека се жалат од реални проблеми и се објект на омраза само затоа што се самоопределуваат како Македонци.

-Додека кај овие е спротивно – тие самите се произведувачи на говор на омраза против Македонија и македонското мнозинство. Некои од овој круг на радикали дури ја нарекуваат македонската нација-канцер кој има потреба од хируршко отстранување, сатанска појава и многу други неверојанти навреди. Ние се бориме за правата на малцинството, а тие против правата на мнозинството. Ние работиме и се залагаме за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, а тие ја повикуваат Бугарија да го блокира еврочленството на Македонија, што ќе доведе до омраза и непријателство меѓу двата народи. Ние се обидуваме да воспоставиме дијалог со властите во Бугарија (нешто што властите за жал упорно го избегнуваат), додека овие спротивно ги заобиколуваат властите во Македонија и одат кај друга држава. Накрај нивните друштва се регистрирани,а нашите не се. Ако баба лаже – трап не лаже, револтиран е Стојков за ваквата ситуација.

Тој го смета за штета тоа што бугарското малцинство во Македонија, тивко мнозинство составено од 99 % од луѓето со бугарски идентитет, не се организира да работи за регулирање на своите права.

-Тоа веројатно е затоа што Бугарите и не чувствуваат дискриминација што е убаво и за поздравување. Но така се отвора можност на оваа рака ултранационалисти да ги срами Бугарите во Македонија и да ги расипува односите меѓу двете земји, изјави Стојков.

Бугарско Собрание

Бугарите од Македонија инсистирале на соодветна реакција од Бугарија против, како што велат, прекршување на нивните права, соопштија бугарските медиуми. Во Собраниската комисија за политики за Бугарите во странство биле сослушани претставниците на центрите за култура „Цар Борис Трети“ од Охрид, „Иван Михаилов“ од Битола и здружението „Југ“ од Прилеп. Таму зборувале за наводниот притисок во Македонија и побарале заштита од Бугарија.

Н.П.

Слични содржини