Македонски војници утре изутрина треба да заминат за Словенија каде ќе помогнат околу справување со катастрофалните поплави. Ова денеска го истакна министерката за одбрана, Славјанка Петровска, нагласувајќи дека немало доцнење со понудената помош.
Од првиот момент кога се случи несреќата, целиот државен врв стапи во контакт со тамошните власти и ја понудивме нашата несебична поддршка. Од нивна страна ни беше одговорено дека штом ја направат анализата, ќе бидат доставени барања и истите пристигнаа вчера. Затоа веднаш реагиравме и денеска на седница на Влада ќе ја донесеме одлуката за упатување на 100 војници од различен состав кои ќе одговорат на потребите на словенечката армија и држава, кажа Петровска.
Министерката појасни дека нашите војници веќе се подготвени. Во барањата е наведено дека се бараат 200 војници.
Според неа, побарани се и други материјални и технички средства кои не сме во можност да ги доставиме.
Претседателот Стево Пендаровски вчера во разговор со словенечката претседателка Наташа Пирц-Мусар изразил жалење и сочувство до Словенија и сите нејзини жители за загубите и штетите претрпени во поплавите кои беа со огромен размер и искажал подготвеност за помош.