Сточарот Александар Мачевски од Берово утре е повикан на распит во полицијата.
Информацијата ја потврди самиот сточар кој денеска во обраќање до јавноста истакна дека здружението Анима Мунди со објавата на видео снимката на својот фејсбук профил и тврдењето дека намерно малтретираат животно, го загрозил угледот на семејството Мачевски, кое со сточарство се занимава од 2006 година.
Додека од здружението обвинуваат за злоставување на животното, сточарот, во чија куќа е направена снимката, на социјалните мрежи ги демантира обвинувањата дека јагнето било малтретирано или измачувано и велидека станува збор за долгогодишна традиција која сточарите ја прават кога ги продаваат јагнињата.
-Се свири песната “Изгубеното јагне” и се носи јагне како адет и традиција и мора да биде врзано. Јагнето не е малтретирано, мачено и заколено и после песната е пуштено кај неговата мајка затоа што се верува дека на тој начин ќе има повеќе јагниња следната година. – стои во демантот на Мачевски
Со сточарство од ова семејство се занимаваат 10 луѓе кои многу се повредени, со како што вели погрдни зборови кои биле кажани после објавата на Анима Мунди.
-Имам поддршка од цела Малешевија и сум на план да закажеме мирен штрајк овде во Малешевијата, а имам поддршка и од сточари од Виница и други краеви. ако ми се нанесе штета после ова ќе продолжиме ќе штрајкуваме ако треба и пред Владата, додава Мачевски.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство го осудија однесувањето на инспекторот и велат дека ќе покренат соодветна законска постапка против сите инволвирани лица во најбрз можен рок.
-Ја осудуваме и се оградуваме од постапката на инспекторот од подрачната единица на АХВ во Берово. Како одговорна институција за благосостојба на животните, во најбрз рок случајот ќе биде разгледан, инспекторот ќе биде повикан на разговор и соодветно процесуиран.-АХВ
Со осуда доцна синоќа на социјалните мрежи реагираше и министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
-Згрозен од монструозниот чин на Инспекторот за благосостојба на животните во подрачната единица Берово, на Агенцијата за храна и ветеринарство, најавувам итно постапување, и преземање на сите дисциплински мерки од страна на АХВ.Предизвикување стрес, малтретирање, и непотребно страдање на невини животни е за секаква осуда, вели Николовски