Стоилковиќ ги прифаќа критиките на Мицкоски за анти-ЕУ пораките на Додик

од Nikola Popovski
98 прегледи

Министерството за односи меѓу заедниците предводено од министерот Иван Стоилковиќ ги прифаќа критиките на претседателот на македонската Влада за дел од пораките на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, искажани пред два дена на Светосавската академија во МНТ. Од Кабинетот на Стоилковиќ во кратка изјава за „Локално“ соопштија дека „Министерството се согласува со изјавата на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски“.

Премиерот вчера рече дека „категорично ги отфрла“ и „апсолутно не се сложува“ со анти-ЕУ и анти-НАТО пораките на Додик.

-Во делот на содржината на говорот којшто се однесува на анти-ЕУ, анти-НАТО и слично, категорично го отфрлам и апсолутно не се согласувам. Навистина не очекував дека ќе го злоупотреби тој настан со испраќање на такви пораки. Сепак, тоа беше свечена академија, а не место каде што се упатуваат ваков тип на политички пораки, рече Мицкоски.

Додик во своето обраќање го пофали рускиот претседател Путин, рече дека „Србите денес на Балканот имаат две држави – Србија и Република Српска“, а потоа и дека „лажеле“ оние кои го прогласиле геноцидот во Сребреница.

-За жал, има жртви и оние кои ги загубија животите, но Русија не требаше да дозволи НАТО да се постави на место од кое Москва и другите делови би можеле да бидат загрозени, особено по она што го рече Збигњев Бжежински, да се распадне на десетина одделни држави за да се контролираат руските ресурси, наведе Додик.

Зборувајќи за војната во БиХ, кажа дека одредени лица како поранешниот претседател на САД, Џо Бајден, лажат дека српскиот народ извршил геноцид врз муслиманското население.

-Ние сме на европскиот пат, но гледаме дека токму таа Европа е таа што најмногу се посрамоти во Северна Македонија, која направи многу отстапки и малку доби од таа Европа. И еден ден ќе треба да застанеме и добро да размислиме дали да продолжиме по овој пат. Што остана од Европа? Некоја вредност? Кои вредности? Каде се тие, праша Додик во дел од својот говор. Кажа и дека по бомбардирањето на НАТО, ниту Србија, ниту Република Српска не сакаат да бидат членки на тој сојуз.

На ваквата реторика реагираа и дел од партиите во земјава, пред се ДУИ, но и партиите од бошњачкиот блок – СДА и БДС. Критикуваат што Додик бил примен во Министерството за односи меѓу заедниците, а е на црната листа на САД поради геноцидна политика и корупција. Обвинија дека „ова е огромен удар за угледот на нашата земја во меѓународната заедница и се поставува прашањето дали оваа Влада воопшто ги негува европските вредности“.

Претходно од партијата на Али Ахмети соопштија дека „ова е тешка навреда“, како што велат, човекот на Путин и негатор на Сребреница да биде почесен гостин во Министерството задолжено за примена на Охридскиот рамковен договор. ДУИ прашува каква порака испраќа Владата, особено кон граѓаните Албанци. 

ЛДП денеска побара од Владата да им се придружи на санкциите на САД и на Британија и да му забрани влез во Македонија на Додик и други спорни лица од регионот. Потенцираат дека македонската држава ја признава независноста и сувереноста на државата Босна и Херцеговина. Според ЛДП, секој политички дискурс кој го доведува во прашање интегритетот на Босна и Херцеговина е неприфатлив.

Институтот за истражување на геноцид од Канада (ИГК) денеска реагираше на, како што велат, дипломатскиот скандал. Велат дека лидерот на босанските Срби ја посетил земјава под знамето на ентитетот, а не на државата БиХ. ИГК смета дека Македонија треба да им се извини на граѓаните на БиХ. Сметаат дека ова е „отворено непочитување на федерацијата“.

Додик беше во Скопје како дел од чествувањето на празникот Свети Сава и присуствуваше на Светосавската академија одржана во МНТ, заедно со патријархот на СПЦ, Порфириј, поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, спикерот на црногорскиот парламент, Мандиќ, како и неколку министри од српската Влада. Присуствуваа и премиерот Мицкоски, лидерот на СДСМ Филипче, како и рускиот амбасадор Баздникин.

Слични содржини