Стоилковиќ: За потсетување на шовинистите, сите вработени во Министерството за политички систем се здравствено осигурени

Реакцијата следува откако дел од медиумите објавија дека дел од вработените лица од албанска националност во Министерството на Стоилковиќ останале без здравствено осигурување

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Фејсбук/Иван Стоилковиќ

Откако дел од медиумите објавија дека вработените граѓани од албанска националност во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците се соочуваат со загрижувачка ситуација, откако според пријави дел од нив останале без здравствено осигурување, се огласи и самиот министер Иван Стоилковиќ. Тој обвини за лаги и инсинуации, тврдејќи дека сите вработени имаат здравствено осигурување.

Според него, ресорното министерство редовно ги исплаќа сите обврски.

„Ве информирамe, како за потсетување на шовинистите, дека сега во Министерството за односи меѓу заедниците работат и припадници на другите заедници, а не само на албанската, и сите вработени имаат здравствено осигурување. Министерството редовно ги исполнува сите законски обврски во однос на пријавувањето и обезбедувањето на правата не само од здравственото осигурување, туку и од други бенефиции што произлегуваат од работните односи. Доколку имате потреба од дополнителни информации или појаснувања, ве молам да се обратите до СОЗР како надлежна институција за пресметка на плати и придонеси на Министерството за односи меѓу заедниците“, порача Стоилковиќ и додава:

„Од марксистичко-ленинистичката школа во новинарството и политиката не се ни очекува ништо друго освен омраза, лаги, инсинуации и подметнувања, кои во крајна инстанца не градат иднина. Само со почит и соработка можеме да оствариме реални резултати во работењето и функционирањето на државата во целина“.