Стоилковски: 1.5 милиони денари камати и судски трошоци ќе плаќа ЈСП оти Арсовска не го признаваше долгот кон приватните превозници

од Nikola Popovski

Заради ненавремени исплати и заради негирање на постоечки долг од 1.5 милиони евра од страна на Данела Арсовска, 1.5 милиони денари ќе треба да се исплати од страна на ЈСП кон приватните превозници, обвинува Наум Стоилковски портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, со одлука на суд, спротивно на тврдењата на Арсовска дека нема долг на ЈСП  кон приватниците, сега ЈСП кое и онака е во колапс, ќе треба да исплати високи затезни камати за долг од 1.5 милиони евра.

-За потсетување Арсовска лани негираше дека има долг кон приватните превозници од 1.5 милиони евра, кои почнаа со штрајк и блокади, за потоа во март годинава Арсовска да направи договор со приватните превозници за исплата на долгот од 1.5 милиони евра, но и да го сокрие договорот за исплата на долгот.

Прашањето на коешто Арсовска сега треба да одговори е дали дополнителната исплата на камати од 1.5 милиони денари можеше да биде спречена доколку се исплатеше побаруваниот долг кога приватниците ги побараа?, праша Стоилковски.

Тој повтори дека „со вакви неразумни зафати и со бегање од вистината, Данела Арсовска системски го уништува ЈСП“.

-И наместо „Модерно Скопје“, Данела Арсовска ги уништува јавните претпријатија со туркање во долгови и со креирање ситуации за казни, затезни камати, за  тужби и судски трошоци, кажа портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција во седиштето на партијата.

Основниот суд Скопје вчера донесе одлука дека ЈСП треба да му исплати на „Слобода превоз“ камати за долгот од 61.812.596 денари (за период од 15.9. 2022 до 18.5.2023 година).

Слични содржини