Стоилковски најавува одговорност за хируршките сали

од Nikola Popovski

Одговорност мора да има и ќе има и лична, и морална и политичка, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски во врска со прес-конференцијата на министерот за здравство, Илир Демири, за случувањата со хируршките сали на Универзитетската Клиника „Мајка Тереза“ во Скопје.

Според него, министерот не побарал одговорност од раководството, ниту од заедничките општи служби, а ниту лично тој не понел одговорност.

-Едноставно откри дека никој од менаџерите не чувствувал одговорност за состојбите во Хирургија! Десет дена воздухот не бил компромитиран само имал лоша миризба, 10 дена нема операции, салите се затворени, а министерот излегува во јавност без трошка срам затоа што нема одговор, рече Стоилковски.

Тој смета дека тоа е израз на самоволие, за кое што мора да има одговорност.

-Хирургија, Клинички, столбот на македонското здравство го рушат во темел, а Илир Демири нема појма што се случува. Но, затоа Илир Демири е доволно министер на СДС/ДУИ за да ги брани директорите и на Хирургија, и на Токсикологија, и да држи политички говори со обвинувања кон ВМРО-ДПМНЕ за болницата во Лешок, дополни тој.

По една недела откако операциските сали на Клинички функционираат редуцирано поради непријатна миризба, Демири свика прес-конференција.

-Некаде пред 30 години се градени салите и тогаш е поставена инсталацијата за снабдување со кислород. Точно 30 години е компресорската станица. Пред месец дена имаше хаварија во станицата кога се расипа еден од компресорите и доведе до оштетување и влезе масло во тие цевки, по што компресорот е надвор од употреба. Клиниката за хирургија функционираше со два компресори кои поминаа технички преглед од две независни институции. Пред девет дена се случи истиот проблем и се појавува лоша миризба во мрежата на кислород и компромиран воздух. Повторно ги повикавме независните фирми кои спроведоа испитување. Бидејќи во Македонија нема лиценцирана лабораторија која може да даде дозвола или уверение кое ќе послужи за квалитетот за испорачаните гасови, побаравме од странска компанија и денес се испратени мостри во Германија. Од двете независни компании со лаборатории не виделе никаков недостаток во квалитетот на гасови и препорачаа да се менуваат филтрите од компресорките станици, рече министерот пред медиумите.

Слични содржини