Сметаме дека имаме одлични опции за кандидати и реални шанси за освојување на градоначалничко место во Карпош на овие избори. Карпошани се разочарани и изиграни од личностите и партиите на кои им дадоа доверба во изминатите години, па се насетува желбата за нова, различна опција за Карпош и тука е вистинската шанса за Левица да покаже дека има идеја и капацитет за успешно менаџирање на општината, изјави за „Локално“ советничката од редовите на Левица Ивана Стоименовска.
Стоименовска нагласи дека Левица активно се подготвува за претстојните локални избори, финализирајќи ги предлог-програмските решенија и работи на мобилизација и зајакнување на организациската структура. Стоименовска смета дека партијата има реална можност да го освои градоначалничкото место на претстојните локални избори. Според неа, актуелната состојба во општината е резултат на долгогодишно погрешно управување, а граѓаните се сè погласни во својата поддршка за алтернатива која нуди конкретни решенија и одговорна власт. Левица, вели таа, го слуша пулсот на народот и е подготвена да ја преземе одговорноста за подобра и поправедна општина.
„Секако, Левица интензивно се подготвува за престојните локални избори, се финализираат изработките на предлог-програмските решенија и работиме на мобилизација и зајакнување на организациската структура на партијата. Сметаме дека имаме одлични опции за кандидати и реални шанси за освојување на градоначалничко место во Карпош на овие избори. Карпошани се разочарани и изиграни од личностите и партиите на кои им дадоа доверба во изминатите години, па се насетува желбата за нова, различна опција за Карпош и тука е вистинската шанса за Левица да покаже дека има идеја и капацитет за успешно менаџирање на општината“, изјави Стоименовска.
Стоименовска оцени дека иако претстојните локални избори ќе бидат тешки, Левица влегува со сериозна предност и растечки тренд на поддршка. Таа го истакна континуираниот пораст на поддршката за Левица во секој нареден изборен циклус, за разлика од, како што вели, СДСМ, која се соочува со драстичен пад. Советничката на Левица во Општина Карпош истакна дека десницата претставува најзгоден политички противник за Левица. Таа додаде дека граѓаните сè повеќе ја препознаваат ароганцијата на владејачките структури и ја споредуваат со пристапот на Левица, која, според неа, единствено и доследно ги застапува интересите на работничката класа. Стоименовска уверува дека Левица ќе продолжи да гради платформа врз основа на социјална правда, еднаквост и отпор кон елитизмот, и токму затоа очекува силна поддршка од работниците и сите маргинализирани категории граѓани на претстојните избори.
„Искрено, битката ќе биде тешка, но уверени сме дека ќе извадиме уште подобри резултати од претходните избори, ако ја имаме предвид моменталната политичка констелација. За разлика од Левица, која има постојан пораст на бројот на гласови на изборните циклуси, СДСМ е во слободен пад. Голем дел од членството во партијата е тотално разочарано од раководството, така што нивните гласачи природно би очекувале да инклинираат кон лево, а единствена друга партија која го застапува левиот блок на македонската политичка сцена е Левица. Најдобар противник што може да го имаме е десницата, затоа што нивните штетни политики воопшто не му одговараат на обичниот работник кој мака мачи да врзе крај со крај. Сведоци сме на бројните скандали на оваа власт и нејзиниот арогантен однос кон обичниот граѓанин, за разлика од Левица која природно ги застапува правата на работниците, така што очекуваме својот избор тие да го гледаат во нас. Всушност, овие две партии ни најмалку не покажуваат наклонетост кон идеолошка определба, затоа што во пракса и двете се бизнис партии на олигархијата, од кои корист имаат само неколкумина. Оттука, природно е да очекуваме солиден број на гласачи да гласаат за нас и да се истакнеме на локалните избори како партија која е единствено искрена во борбата против корупцијата, а во корист на работникот. На локално ниво, тоа е борбата со штетните ДУП-ови преку кои го бетонизираа Карпош и го нарушија неговиот урбан лик, загаденоста која сама по себе не ја решава ниту една политичка гарнитура и социјалниот концепт со кој Левица најактивно ги застапува обесправените и нашите карпошани со попреченост“, изјави Стоименовска.
На прашањето што ќе пресуди кој ќе биде идниот градоначалник на Карпош, Стоименовска нагласи дека иако во моментов е тешко да се предвиди конечниот исход од битката за градоначалник, неколку клучни фактори ќе играат улога во одлуката на гласачите. Таа нагласи дека Левица веќе ги финализира своите програмски решенија, кои, како што истакна, се изработени со директно учество на граѓаните. Стоименовска посочи дека токму ваквиот пристап – инклузивен и насочен кон реалните потреби на жителите – претставува силна основа за Левица да биде препознаена како сериозна и одговорна опција за локално управување.
„Па навистина, од оваа позиција сега тешко е да се каже што ќе пресуди во битката за градоначалник, меѓутоа секако тоа ќе биде донекаде и резултат на сегашната политичка констелација, како што кажав, добра програма и навремено препознавање на вистинската изборна опција. Програмите веќе се во својата финална фаза, сите тие се изработени по предлог на граѓаните од кои се бараше соработка по тоа прашање изминатиов период и можеме да кажеме дека активно учествуваа во изработка на истите“, смета Стоименовска.
Стоименовска нагласи дека партијата останува доследна на својот принципиелен став за самостоен настап на избори, без предизборни коалиции. Таа нагласи дека овој став е одамна воспоставен и широко прифатен меѓу членството и поддржувачите на партијата.
„Левица како партија има свои правила во однос на предизборните настапи и тие не се менуваат. Предизборно не правиме коалиции со никого и настапуваме сами, односно постизборно соработуваме само за прашања кои се во интерес на граѓаните. Тоа е препознатлив и прифатен став и кај нашите членови и гласачи и така ќе настапиме и на овие избори“, завршува Стоименовска.
Д.Ѓ