Пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска остро реагираше на изјавите и обвинувањата упатени од претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, нарекувајќи го „волкот во јагнешка кожа“. За видеото со синдикалниот лидер и неговите деца, кое самата го објави, вели „јавните личности треба да се подготвени на секакви видеа и фотографии“.
„Сосема е препознатлив речникот на Трендафилов и не би сакала воопшто да наседнувам на неговото сценарио. Видеото јасно го прикажува неговото однесување со службеното возило на ССМ. Не се цел неговите малолетни деца (чии што идентитети се прикриени на самото видео). Целта е да се прикаже на јавноста како овој “волк” изигрува јагне, “бранејќи” ги правата на работниците или во превод: разоткриено е целото лицемерие на “водачот” .
Јавните личности треба да се подготвени на секакви видеа и фотографии. Тоа е “цената” која секоја јавна личност знае како и колку ја “плаќа”. Секако, не мислевте дека ние, како пратеници, немо ќе гледаме како “со сите средства” поддржани од вашите политички ментори СДСМ и Левица, вршите притисок врз мнозинството и промовирате идеологија од минатото, каде државата или законодавецот се става над приватната сопственост“, истакнува пратеничката.
Во реакцијата, таа посочува дека видеото кое циркулира во јавноста се однесува на користење на службено возило на ССМ, нагласувајќи дека малолетните деца не се цел на објавата и дека нивниот идентитет е прикриен.
„Што се однесува до видеото, можеби да е и од некој незадоволен работник од “штитењата” на Трендафилов?!? Што се однесува до мојата реакција на неговата изјава (закана): Почитувам закони и Устав! Нека се постапи согласно законите и да видиме кој тоа е виновен?!?
П. С. Да наречеш пратеничка (која предводеше листа на последните парламентарни избори која освои 21.622 гласови) монструм, не само што е напад врз жена, туку е напад и врз 21.622 жители на ИЕ 6.
П. П. С. “Јагнето” Дичо за истите тие избори се фалел дека “вредел” околу 7-8.000 гласа (а, вчера беа само 50 ина на “блокадите”) и дека сите ги убедил да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ на ниво на цела Македонија.
П. П. П. С. Ако сака да ја продолжи “битката” со мене, го чека ДАФИНА …“, стои во објавата на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија вчера побара од Министерството за внатрешни работи и од Обвинителството да поведат постапка против пратеничката. Исто така и од собранискиот спикер побара да поведе постапка за одземање на пратеничкиот имунитет на Стојаноска. Ова следув откако Стојаноска на нејзиниот Фејсбук-профил објави видео, а во описот вели дека Трендафилов со службено возило на ССМ завршува приватни обврски. Притоа во видеото се прикажува како Трендафилов со неговите две деца влегува во автомобил.
Трендафилов денеска на прес-конференција рече дека Стојаноска „му ги објавила малолетните деца за да можат сите да ги оцрнуваат и на таков начин да го уценуваат“.